Во кипарскиот главен град Никозија доцна попладнево ќе се одржи свечена церемонија по повод почетокот на претседавањето на Кипар со Советот на ЕУ од 1 јануари годинава.
Според најавата за настанот, предвидено е на свеченоста да има официјални обраќања и говори, како и културно-уметничка програма во режија на Костас Силвестрос.
Меѓу најавените говорници на свеченоста се и претседателот на Кипар, Никос Христодулидес и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. На настанот ќе присуствува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Ова е второ Кипарско претседавање со Советот на ЕУ, по она во втората половина на 2012 година, и овој пат тоа ќе биде под мотото „Автономна Унија. Отворена кон светот“.
Приоритети на Кипарското претседателство со Советот на ЕУ, што ќе трае до 30 јуни годинава, ќе бидат поддршката на Украина, зајакнувањето на европската одбранбената подготвеност заедно со континуиран ангажман со САД, подобрување на односите со Велика Британија, развивањето нови трговски односи со трети земји и зајакнување на врските со „јужното соседство“.
Во приоритетите на Кипарското претседателство се наведува и дека тоа е цврсто посветено на унапредување на агендата на проширувањето на ЕУ на кредибилен начин, преку испорака на опипливи резултати и врз основа на процес базиран на заслуги
Проширувањето со Украина, Молдавија, партнерите од Западниот Балкан и Турција, врз основа на воспоставената строга и фер условеност, според Никозија, претставува заокружување на визијата за обединување на Европа и ќе го прошири просторот на мир, демократија, безбедност и стабилност.
– Проширувањето се покажа како една од најтрансформативните алатки на ЕУ, вклучително и во рамките на земјите кандидатки, одразувајќи ја нивната подготвеност за реформи и решавање на долгогодишни проблеми со своите соседи врз основа на европското право, вредности и принципи. Проширувањето во суштина претставува стратешка инвестиција во иднината на Европа, се наведува во Приоритетите на Кипарското претседателство со Советот на ЕУ.
Инаку, Кошта и Фон дер Лајен од Никозија ќе заминат на турнеја низ Блискиот Исток, во чии рамки утре и задутре ќе ги посетат Јордан, Сирија и Либан.