Свет

Столтенберг: Единствен начин за праведен и долгорочен мир во Украина е постоење силна украинска армија

Столтенберг: Единствен начин за праведен и долгорочен мир во Украина е постоење силна украинска армија

На бојното поле во Украина гледаме како притискаат руските сили и како Русија мобилизира уште трупи, подготвена да жртвува и луѓе и опрема, што е причина за загриженост и ја наметнува потреба за зголемена поддршка за Киев, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на Алијансата во Брисел.

Според него, во вакви услови можни се две сценарија – едното сценарио е НАТО да обезбеди доволно поддршка на Украина и таа да успее да ги поврати окупираните територии и второто, Алијансата да не успее да ја достави потребната помош и Русија да освои дополнителни области, што би довело до поопасна ситуација.

– Единствен начин да обезбедиме праведен и долгорочен мир во Украина е да имаме посилни украински Вооружени сили. Тоа е единствен начин да го убедиме претседателот Путин дека не може да победи на бојното поле. Силно верувам дека тоа е можно, бидејќи Украинците демонстрираа дека се способни да го сторат тоа, додаде генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг информираше дека на денешното заседание на Советот НАТО-Украина, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Колеба ги информирал своите колеги за краткорочните и долгорочните потреби на Украина и за напредокот во реформите во земјата.

– Состојбата на бојното поле останува сериозна. На Украина и треба повеќе противвоздушна одбрана, повеќе муниција и повеќе помош, рече Столтенберг.

Тој притоа ги поздрави најновите најави за доставување на помош на Украина, кои вклучуваат речиси 600 милиони евра од Германија, иницијативата предводена од Чешка за доставување артилерија, испораките на 10 илјади дронови од Велика Британија и на проектили и оклопни возила од Франција, како и новиот пакет помош од Финска вреден 188 милиони евра.

– Но, треба да направиме уште повеќе. Ние треба да ја поставиме нашата поддршка на уште поцврста и потрајна основа, изјави Столтенберг, потсетувајќи дека на вчерашниот прв ден од состанокот министрите го поддржаа планот за зајакнување на улогата на НАТО во координација на безбедносната помош и обуката за Украина.

Столтенберг информираше дека министрите за надворешни работи на членките на НАТО имаа средба и со партнерите на Алијансата од Индо-пацифичкиот регион – Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд и со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, на која се разговарало за глобалните импликации на руската војна против Украина, вклучувајќи ја и поддршката од Кина, Северна Кореја и Иран за Русија.

– Како што авторитарните сили се повеќе се усогласуваат, НАТО и неговите партнери мора да бидат обединети за да го бранат глобалниот поредок заснован на правда, а не на сила. Разговаравме и како да ја подобриме нашата соработка во одговорот на кибер и хибридните закани, како и за новите технологии и одбранбеното индустриско производство, додаде Столтенберг.

Во рамки на министерскиот состанок денеска се одржа и свеченост по повод, како што рече Столтенберг, 75-годишнината од формирањето на најсилниот и најуспешниот сојуз во историјата – НАТО, најавувајќи дека главната прослава ќе се одржи за време на Самитот на Алијансата во Вашингтон во јули годинава.

На министерскиот состанок на НАТО присуствуваше и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Најнови вести од Свет

To top