Свет Израел

Сите судии на израелскиот Врховен суд ќе ги разгледуваат претставките против спорниот закон

Сите судии на израелскиот Врховен суд ќе ги разгледуваат претставките против спорниот закон

Врховниот суд на Израел денеска соопшти дека сите членови на судскиот совет во септември ќе ги разгледуваат претставките против контроверзниот закон на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху усвоен минатата недела, кој предизвика масовни протести.

Законот е еден од низата промени во судскиот систем на Израел што Владата на Нетанјаху планира да ги спроведе за да ги ограничи овластувањата на Врховниот суд. Планот за реформи во правосудството предизвика повеќемесечни протести и критики од американската Бела куќа.

Противниците на реформата предупредуваат дека доколку се усвојат низа планирани закони, власта ќе биде концентрирана во рацете на владејачката коалиција и ќе го поткопа системот на контроли и рамнотежа. Додека според поддржувачите неопходно е да се ограничи моќта на неизбраните судии.

Нетанјаху и неговите сојузници минатата недела донесоа закон со кој се отстранува можноста Врховниот суд да ги поништи владините одлуки доколку ги смета за неразумни.

Врховниот суд ја искористи таа можност на почетокот на оваа година за да го спречи назначувањето на сојузникот на Нетанјаху за министер за внатрешни работи, откако тој призна вина за затајување данок.

Судот соопшти дека рочиштето за тој закон ќе се одржи на 12 септември во присуство на сите 15 судии.

To top