Европската политичка елита изгледа категорично е незаинтересирана за мир во Украина и треба да се направи се што е возможно за да не биде поткопано едно дипломатско решение, изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во поткастот „Час на вистината“.
Тој наведе дека либералните европски политичари се обземени од воен фанатизам.
Сијарто тврди дека на последната средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, западноевропските, северните и балтичките држави зборувале за подготовки за непријателски односи со Русија дури и ако се постигне мир.
Тој посочи дека е возменирен од обидите на европските држави да се мешаат во дипломатските напори помеѓу САД и Русија.
– Се надевам дека разговорите помеѓу САД и Русија ќе бидат посилни од европските обиди да ги поткопаат истите. Од тоа зависи мирот, посочи Сијарто.
Тој додаде дека на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ станало јасно дека некои политичари се подготвени да ги прекршат правилата на ЕУ со користење на замрзнати руски средства за финансирање на Украина.
Сијарто потенцира дека таквите дејствија се против интересите на Унгарија и оти неговата земја не е подготвена да ги троши парите на унгарските граѓани за Украина.
Според него „една од најдрските лаги во европската политичка историја“ е тврдењето дека Украина се бори за Европа.
– Украина се бори за себе … херојски и против многу поголема земја и воена сила … Но, Европејците немаат морални или правни обврски кон оваа борба. Европа и трансатлантската заедница можат да се одбранат затоа што го имаме НАТО – најефикасниот, најсилниот и најголемиот одбранбен сојуз во историјата на човештвото, наведе Сијарто.
Тој потенцира дека 58 проценти од увозот на гас во Украина и 44 отсто од увозот на електрична енергија минуваат низ унгарска територија.
– Додека многу европски земји зборуваат за поддршка на Украина, Унгарија најмногу придонесува за да се обезбеди украинските семејства да не се смрзнуваат и да имаат електрична енергија и топла вода, истакна Сијарто. (МИА)