Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри денеска изјави дека прекин на огнот меѓу Израел и палестинските групи во Газа треба да се постигне пред исламскиот свет месец Рамазан, јави Анадолија.
– Императив е да се постигне прекин на огнот пред Рамазан заради безбедноста на палестинскиот народ, изјави Шукри за Анадолија при првото учество на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција.
Тој нагласи дека „би било неприфатливо воените активности да продолжат“ за време на Рамазан поради „влијанието што ќе го има не само врз палестинските цивили во Газа и на Западниот Брег, туку и воопшто“.
Египетскиот министер повтори дека неговата земја отфрла какви било планови за раселување на Палестинците.
-Прашањето за раселување, кое е спротивно на меѓународното хуманитарно право, не треба да продолжи да се отвора, ниту внатре, ниту надвор од Палестина, истакна тој.
Шукри смета дека раселувањето на Палестинците е начин за „ликвидирање на палестинското прашање“, додавајќи дека „тоа не е прифатливо и е кршење на меѓународното хуманитарно право“.
Тој нагласи дека неговата земја „ќе продолжи да ги вложува сите напори“ за прекин на огнот.
-Се надеваме дека ќе има неопходна флексибилност и разбирање за опасностите и потребата да се прекинат непријателствата со цел да се зголеми обемот на хуманитарна помош, да се елиминираат заканите за раселување, но првенствено, животите на палестинскиот народ мора да бидат спасени, изјавишефот на египетската дипломатија. (МИА)