Доналд Трамп бил информиран од американската разузнавачка служба за смртни закани од Иран, се вели во соопштението на неговиот претседателски штаб.
„Републиканскиот претседателски кандидат претходно денеска беше информиран од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање за реалните и конкретни закани од Иран дека ќе го убие во обид да се дестабилизира и да сее хаос во САД“, рече директорот за комуникации на кампањата на Трамп, Стивен Чеунг.
Според Чеунг, „разузнавачките службеници идентификувале дека овие континуирани и координирани закани се зголемиле во текот на изминатите неколку месеци“.
„Службениците за спроведување на законот работат на тоа Трамп да биде заштитен и претседателските избори на 5 ноември да бидат без мешање од други земји“, додаде тој.
Иран ги отфрли обвинувањата дека се обидел да го убие Трамп претходно ова лето, набргу откако вооружен маж отвори оган на митинг во Пенсилванија, убивајќи едно лице и ранувајќи го претседателскиот кандидат.