Свет Новинска агенција ЕФЕ

Санчез: Шпанија има намера до јули да ја признае Палестина

Палестина досега е призната од 139 земји во светот.

Санчез: Шпанија има намера до јули да ја признае Палестина

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека Шпанија до јули ќе ја признае независноста на Палестина, додавајќи дека и други земји ќе го сторат истото во наредните месеци, пренесе шпанската новинска агенција ЕФЕ.

Санчез е на блискоисточна турнеја, која ќе опфати посети на Јордан, Катар и Саудиска Арабија. Во текот на првиот ден, во неформален разговор со шпанските новинари во Аман, тој објави дека неговата левичарска влада има намера да ја признае Палестина во следните три месеци и дека наскоро би можело да се „создаде“ критична маса во Европската унија, така што дека и другите земји можат да го направат истото.

Санчез на 22 март во Брисел разговараше со премиерите на Ирска, Словенија и Малта, кои најавија признавање на Палестина „кога ќе се создадат попогодни околности“.

Израел им порача на тие земји дека го „наградуваат тероризмот“ и дека тоа ќе ги намали шансите за преговори за ситуацијата во Појасот Газа.

Европската унија и арапските држави, во заедничка декларација во ноември, изјавија дека единственото можно решение за конфликтот е две меѓусебно признати соседни држави. Израел го отфрла тоа решение и продолжува со окупацијата на Западниот Брег и опсадата на Појасот Газа.

Шпанија со месеци ја промовираше идејата за одржување меѓународна мировна конференција од која Израел и Палестина би си заминале со меѓународно признание. Санчез претходно го понуди Мадрид како место за одржување на таа конференција.

Палестина досега е призната од 139 земји во светот. (МИА)

To top