Само 17 отсто од Американците ги одобруваат напорите на претседателот Доналд Трамп да го анектира Гренланд, а значително мнозинство демократи и републиканци се против употребата на воена сила за анексија на островот, покажа анкета на Ројтерс/Ипсос.
Дводневната анкета покажа широка загриженост за заканите на Трамп кон сојузникот на НАТО, Данска, во врска со Гренланд, остров што со векови е данска територија.
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, и државниот секретар Марко Рубио, денеска во Белата куќа ќе се сретнат со шефовите на дипломатиите на Данска и Гренланд, еден ден откако премиерот на Гренланд изјави дека неговата земја ќе остане дел од Данска.
Трамп рече дека Гренланд е клучен за безбедноста на САД и дека Вашингтон мора да го поседува за да спречи Русија или Кина да ја окупираат стратешки лоцираната територија богата со минерали во иднина.
Службениците на Белата куќа разговараа за различни планови за ставање на Гренланд под американска контрола, вклучително и преку воена сила или со исплата на паушални суми на жителите на Гренланд како дел од обидот да ги убедат да се отцепат од Данска.
Вкупно 47 проценти од испитаниците во анкетата на Ројтерс/Ипсос не ги одобруваат напорите на САД да го добијат Гренланд, додека 35 проценти рекле дека тоа не е сигурно.
Само четири отсто од Американците – вклучувајќи само еден од десет републиканци и речиси ниту еден демократ – изјавиле дека би било „добра идеја“ САД да употребат воена сила за да го земат Гренланд од Данска.
Дури 71 отсто од анкетираните мислат дека тоа би било лоша идеја, вклучувајќи 90 проценти од демократите и 60 проценти од републиканците. Околу еден од тројца републиканци не се сигурни дали тоа е добра или лоша идеја.
Данска предупреди дека употребата на воена сила би значела крај на НАТО, трансатлантскиот одбранбен пакт што е клучен столб на светскиот поредок од 1949 година.
Околу 66 отсто од испитаниците, вклучувајќи 91 отсто од демократите и 40 отсто од републиканците, рекле дека се загрижени дека напорите на САД да го добијат Гренланд ќе и наштетат на Алијансата и на односите на САД со европските сојузници.
Новата анкета на Ројтерс/Ипсос, спроведена онлајн и на национално ниво, опфати 1.217 возрасни Американци со маргина на грешка од три процентни поени.