Саудиска Арабија ги продолжи разговорите со САД за приближување на одбранбената политика и создавање на воен сојуз, по прекинот предизвикан од нападот на палестинската милитантна група Хамас во јужен Израел во октомври.
Повикувајќи се на неименувани извори, Блумберг објави дека саудискиот престолонаследник и де факто владетел Мохамед Бин Салман се сретнал со неколку американски сенатори во северозападниот град Алула и разговарале со нив за обновување на претходните преговори за одбранбена алијанса што исто така ќе вклучи поврзување на Саудиска Арабија и Израел.
Се наведува дека Бин Салман сè уште гледа можност за поголема соработка со САД и покрај крајно негативното расположение кон САД кое владее во арапските и муслиманските земји поради израелските напади врз Палестинците во Газа.
Главниот камен на сопнување во разговорите е тоа што Саудиска Арабија одамна вели дека каков било договор со Израел би бил условен со создавање независна палестинска држава, прашање на кое остро се противи Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пишува Блумберг. (МИА)