САД, денеска, на веб-страницата на нивната виртуелна амбасада во Иран издадоа предупредување до своите граѓани веднаш да ја напуштат оваа земја.
Владата на САД нема дипломатски или конзуларни односи со Иран, а интересите на САД во Иран ги претставува Швајцарија преку нејзината амбасада во Техеран.
„Напуштете го Иран веднаш. Треба да имате план за напуштање на Иран, кој не зависи од помошта на американската влада. Ако не можете да заминете, пронајдете безбедно место во вашиот дом или друга безбедна зграда. Снабдете се со храна, вода, лекови и други основни потреби“, се наведува во предупредувањето.
Американските власти изјавија дека лицата со двојно државјанство мора да го напуштат Иран користејќи ирански пасош.
„Иранската влада не признава двојно државјанство и ќе го третира двојното државјанство на САД и Иран исклучиво како иранско. Граѓаните на САД се изложени на значителен ризик од испрашување, апсење и притвор во Иран. Покажувањето американски пасош или докажувањето врски со САД може да биде доволна причина иранските власти да приведат некого“, се наведува во предупредувањето.
Американските власти наведуваат дека е можно да се напушти Иран по копнен пат преку границата со Ерменија, Турција и Туркменистан и додаваат дека на граѓаните на САД им е потребна посебна дозвола од туркменистанските власти за да преминат во Туркменистан.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, во последните денови постојано повторуваше дека ја разгледува можноста за воена интервенција против иранските власти.
И Австралија, вчера, исто така, ги повика своите граѓани веднаш да го напуштат Иран. Министерството за надворешни работи на Австралија објави дека бројот на комерцијални летови од Иран се намалува и дека наскоро е можно затворање на иранскиот воздушен простор.
„Одговорот на безбедносните сили на протестите беше суров, а многу демонстранти и минувачи беа повредени, убиени или приведени. Избегнувајте јавни собири и протести. Австралијанците, вклучително и оние со двојно државјанство, се изложени на висок ризик од апсење“, соопшти австралиското министерство на онлајн сервисот за помош на домашните патници. (МИА)