Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска во Загреб изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ги прави вистинските работи за НАТО, бидејќи поттикнува поголеми вложувања во одбраната и нагласи дека сите сојузници во Алијансата се согласуваат за важноста на безбедноста на Арктикот.
– Верувам дека Доналд Трамп ги прави вистинските работи за НАТО поттикнувајќи нè сите да трошиме повеќе за да се изедначиме со потрошувачката на САД, изјави Руте на заедничката прес-конференција со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека „сите сојузници се согласуваат за важноста на арктичката безбедност, бидејќи отворањето на морските патишта претставува ризик од руските и кинеските активности“.
Според него, во НАТО се расправа за тоа како да се постигне таа безбедност.
На прашањето за претензиите на САД врз Гренланд, Руте исто така рече: „Наш приоритет е Арктикот да остане безбеден“.
На истото прашање Пленковиќ нагласи дека „сојузниците мора меѓусебно да се почитуваат, што се однесува и на САД“.
– Сигурен сум дека со разговори може да се најде решение. Гренланд е дел од Данска и затоа квалитетен дијалог може да ја реши ваквата ситуација, оцени Пленковиќ.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска пристигна во работна посета на Хрватска во рамки на посетата на државите-членки.
По пристигнувањето во Загреб, тој со премиерот Пленковиќ ја посети касарната „Полковник Марко Живковиќ“ на Плесо, каде што ги виде француските борбени авиони Рафал, турските дронови Бајрактар и американските хеликоптери UH-60M Black Hawk, а потоа во Владата разговараше со хрватскиот премиер и се сретна со претставници на хрватската одбранбена индустрија.
Руте по состанокот со Пленковиќ во заедничка изјава за новинарите ја пофали Хрватска, оценувајќи дека од пристапувањето во 2009 година таа е важна членка на НАТО која придонесува за заедничката безбедност.
Тој ја нагласи важноста на „улогата на Хрватска во стабилизацијата на регионот“, велејќи дека хрватските војници учествуваат во мисијата на Косово.
Руте истакна дека „нема да се дозволи безбедносен вакуум“ и додаде дека Хрватска во тоа е „клучен партнер“.
Генералниот секретар на НАТО посебно нагласи дека „Хрватска се покажа како партнер на кој Украина може да се потпре“ и дека од 2022 година придонела со повеќе од 300 милиони во опрема, хеликоптери и заштитна опрема.
– Украинската безбедност е наша безбедност, нагласи Руте.
Коментирајќи го евентуалното членство на Украина во НАТО, Руте одговори дека претходно е дадена изјава за патот на Украина кон НАТО и оти некои сојузници се против тоа или се сомничави, како Унгарија.
– Она за што разговараме во „Коалицијата на подготвените“ е како по мировниот договор да осигураме Русија повеќе никогаш да не нападне, укажа Руте.
Тој ги поздрави напорите за модернизација на војската на Хрватска, велејќи дека бил „импресиониран“ кога видел како се обновени воздухопловните сили, а ја пофали Хрватска и затоа што оваа година ја презеде контролата врз својот воздушен простор.
Пленковиќ во заедничката изјава рече дека Владата презема сè во поглед на исполнувањето на преземените обврски од состаноците на врвот на НАТО, дека во 2025 година издвоила 2,08 отсто од БДП за одбрана и потсети дека хрватските вооружени сили партиципираат во дури пет мисии, со околу 270 припадници на хрватската војска.
Пленковиќ рече и дека Украина не ја брани само својата слобода, туку и демократијата, вредностите и безбедноста на Европа.
– Затоа е важно да разбереме дека последиците од руската агресија беа повеќе од очигледни на континентот, на Хрватска, на нашата енергетска ситуација, рече хрватскиот премиер.
Тој најави дека следната година на пролет Хрватска ќе биде домаќин на неформален состанок на министрите за надворешни работи на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО ќе се сретне прими и претседателот на Хрватска и врховен командант на војската, Зоран Милановиќ, а по состанокот ќе биде објавено соопштение.
Милановиќ во петокот изјави дека Руте е добредојден во Хрватска, но дека тој не е „личноста која носи одлуки“ и која располага со пари.
– Кога зборува, не е јасно во чие име зборува, а зборува многу работи кои јас воопшто не ги поддржувам, им рече Милановиќ на новинарите во Чаковец, пренесе Бета.