Свет Безусловна поддршка

Републиканските ривали на Трамп ветија дека ќе го поддржат Израел

Неколку часа претходно, Вашингтон соопшти дека американската војска извршила напади врз складиште за оружје во Сирија за кое Пентагон соопшти дека го користеле иранските сили.

Републиканските ривали на Трамп ветија дека ќе го поддржат Израел

Ривалите на Доналд Трамп за републиканската претседателска номинација на вчерашната дебата остро говореа во врска со конфликтот меѓу Израел и Хамас ветувајќи безусловна поддршка за Израел и го нападнаа начинот на кој демократскиот претседател Џо Бајден се справува со кризата.

На прашањето каква порака ќе му испрати на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, гувернерот на Флорида Рон Десантис одговори: „Би му рекол на Биби (Нетанјаху): Заврши ја работата еднаш засекогаш со овие касапи Хамас, тие се терористи“.

Ники Хејли, поранешната американска амбасадорка во ОН, која ја фокусираше својата кампања на нејзиното искуство во надворешната политика, го критикуваше Бајден за притисокот врз Израел да размисли за хуманитарни паузи.

– Последното нешто што треба да направиме е да му кажеме на Израел што да прави … Единствено што треба да направиме е да ги поддржиме и да го елиминираме Хамас, рече таа.

Сенаторот од Јужна Каролина Тим Скот рече дека Бајден треба да изврши директни напади врз Иран, спонзор на Хамас, како одмазда за нападите на проиранските сили во Сирија и Иран против американската војска.

Неколку часа претходно, Вашингтон соопшти дека американската војска извршила напади врз складиште за оружје во Сирија за кое Пентагон соопшти дека го користеле иранските сили.

– Ако сакате да промените нешто, не можете само да продолжите да напаѓате магацини во Сирија … Всушност треба да и ја отсечеш главата на змијата. Главата на змијата е Иран, а не само неговите посредници, рече тој.

Поранешниот претседател Доналд Трамп по трет пат не се појави на дебатата на неговата партија, наместо тоа одржа политички митинг во близина, каде што повторно предложи Републиканската партија да ги откаже идните дебати.

– Време е републиканскиот естаблишмент да престане да губи време и ресурси, рече Трамп, додавајќи дека дебатата „не била гледлива“.

Вивек Рамасвами, кој се залага за изолационистички пристап кон надворешната политика, рече дека ќе ја прекине помошта за Украина и го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „комичар во карго панталони“.

Освен што повикаа на посилен одговор во странство, кандидатите ветија дека ќе ги казнат симпатизерите на Хамас дома.

На прашање за пропалестинските собири кои се проширија на кампусите во колеџите, Скот рече дека ќе го запре федералното финансирање за сите универзитети кои нема да го спречат антисемитизмот.

Десантис вети дека ќе ги депортира сите странски студенти кои ќе изразат поддршка за Хамас.

– Ако сте тука со студентска виза како странски државјанин и имате заедничка кауза со Хамас, јас ќе ви ја откажам визата и ќе ве испратам дома, рече тој.

Еден ден откако демократите и групите за заштита на правата на абортус победија на неколку референдуми за абортусот, републиканците се обидоа да формулираат победничка порака за прашање што ја мачи партијата откако Врховниот суд на САД, предводен од конзервативците, минатата година го укина абортусот како право ширум САД.

Скот рече дека ќе поддржи федерална забрана за абортус по 15-та недела од бременоста, додека Хејли истакна дека таков закон не може да помине во Сенатот.

Десантис, кој оваа година во Флорида го забрани абортусот по шестата недела од бременоста, не се повика на федералниот закон, но рече дека се залага за „култура на животот“.

Кандидатите го нападнаа Бајден за неговото управување со економијата, тврдејќи дека неговиот фокус на климатските промени го забавиле растот.  (МИА)

To top