Свет При извршување на својата работа

„Репортери без граници“: Годинава загинаа 67 новинари, најмногу во Газа и Мексико

– Секој загинат новинар и секој задржан репортер е предупредување за нас во Германија дека секој што напаѓа новинари, на сите нас ни го одзема правото да бидеме информирани непречено, изјави извршната директорка на меѓународната организација во Германија, Ања Остерхаус.

„Репортери без граници“: Годинава загинаа 67 новинари, најмногу во Газа и Мексико

Во текот на последната година, 67 новинари го загубиле животот при извршување на својата работа, при што повеќето од нив станале жртви на војни или криминални мрежи, соопшти денеска меѓународната организација за човекови права „Репортери без граници“ (Reporters Without Borders).

Податоците, кои го покриваат периодот од декември минатата година до почетокот на декември оваа година, се слични на оние од претходниот период (2023-2024).

Најопасни региони остануваат Појасот Газа, каде што животот го загубиле 29 репортери, и Мексико со девет смртни случаи на новинари.

– Секој загинат новинар и секој задржан репортер е предупредување за нас во Германија дека секој што напаѓа новинари, на сите нас ни го одзема правото да бидеме информирани непречено, изјави извршната директорка на меѓународната организација во Германија, Ања Остерхаус.

– Владите низ светот мора да преземат акција. Кога оние што прават критични репортажи мора да се плашат за својата слобода или дури и за својот живот, демократијата низ светот е загрозена, нагласи таа.

Според податоците на организацијата, во моментов 503 новинари се наоѓаат во затвори во 62 земји, што е помалку во споредба со претходниот период. Кина е земјата со најмногу задржани новинари (121), следена од Русија (48) и Мјанмар (47).

Русија има задржано најмногу странски новинари, од кои 26 се Украинци, а потоа следи Израел, кој задржал 20 палестински новинари.

Освен тоа, 135 медиумски работници се прогласени за исчезнати, некои од нив повеќе од 30 години. Новинари во 137 земји се водат како исчезнати, повеќето од нив во Блискиот Исток или Латинска Америка.

Сирија е особено погодена, бидејќи многу репортери исчезнале за време на режимот на Башар ал-Асад. Слична е ситуацијата и со новинарите земени како заложници од „Исламска држава“ и прогласени за исчезнати од „Репортери без граници“.  (МИА)

Најнови вести од Свет

To top