Свет

Путин најави зајакнато воено присуство на Русија на Арктикот

За американскиот претседател контролата над Гренланд е еден од примарните цели на неговата администрација, оживувајќи ги плановите од неговиот прв мандат. 

Путин најави зајакнато воено присуство на Русија на Арктикот

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека ќе го зајакне военото присуство на Русија на Арктикот, предупредувајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп е „сериозен“ во намерата да го преземе Гренланд.

Путин рече дека притисокот на Трамп за контрола над Гренланд не е изненадувачки со оглед на долгогодишниот интерес на САД за територијата богата со минерали.

Говорејќи на политичкиот форум во пристаништето Мурманск Артик, Путин истакна дека Соединетите Држави најпрво ги разгледувале плановите да добијат контрола над Гренланд во 19 век, а потоа понудиле да го купат од Данска по Втората светска војна.

– Може да изгледа изненадувачки само на прв поглед и би било погрешно да се верува дека ова е некаков екстравагантен разговор на актуелната американска администрација, рече Путин. Очигледно е дека САД ќе продолжат систематски да ги унапредуваат своите геостратешки, воено-политички и економски интереси на Арктикот, оцени рускиот лидер при посетата на нуклеарна подморница „Архангелск“.

Трамп налути голем дел од Европа со тоа што сугерираше дека САД треба во некоја форма да ја контролираат самоуправната, богата со минерали територија на Данска, сојузник на САД и членка на НАТО.

Како поморска порта кон Арктикот и северноатлантските пристапи кон Северна Америка, Гренланд има поширока стратешка вредност, бидејќи и Кина и Русија настојуваат да добијат пристап до неговите пловни патишта и природни ресурси.

Путин истакна дека Русија е загрижена поради активностите на НАТО на Арктикот и ќе одговори со зајакнување на своите воени капацитети во поларниот регион.

– Се разбира, нè загрижува тоа што членките на НАТО го опишуваат Далечниот Север како регион на можни конфликти, рече тој, посочувајќи дека соседните Финска и Шведска се приклучија на Алијансата. – Русија никогаш не му се заканила на никого на Арктикот, но внимателно ќе ги следиме случувањата и ќе дадеме соодветен одговор преку зголемување на нашите воени капацитети и модернизација на воената инфраструктура“.

– Бројот на воени лица на Арктикот ќе се зголемува, рече Путин .

За американскиот претседател контролата над Гренланд е еден од примарните цели на неговата администрација, оживувајќи ги плановите од неговиот прв мандат.
Трамп изјави дека САД „ќе одат далеку колку што ќе биде потребно“ за да ја преземат контролата врз Гренланд, поради, како што тврди, заштита на „меѓународната безбедност“.

Путин призна дека геополитичките ривалства на Арктикот се интензивираат, но инсистираше дека соработката во регионот е можна, вклучително и со Западот.

Очигледно е дека улогата и значењето на Арктикот, и за Русија и за целиот свет, растат. Но, за жал, геополитичката конкуренција, борбата за позиции во овој регион, исто така се засилува, истакна Путин на форумот во Мурманск Артик.

Арктичкиот регион, вклучително и околу Гренланд, поседува фосилни горива и минерали под земјата и морското дно, кои би можеле да станат подостапни со глобалното затоплување.

Нови поморски рути би можеле да се отворат поради топењето на мразот, зголемувајќи го неговото геополитичко и воено значење и правејќи го поважен регион за глобалната трговија.

Тоа е исто така област на воена конкуренција, а одбранбените аналитичари велат дека Русија ја зајакнала својата присутност многу побрзо од Западот со повторно отворање на базите од советската ера и модернизација на својата морнарица.

Повикувајќи на соработка во регионот, Путин вети дека партнерите кои се подготвени да работат со Русија ќе добијат добар поврат на своите инвестиции.

Сепак, тој посочи дека домашните капацитети на Русија моментално се недоволни за овие планови и дека Москва ќе мора да купува пловила и да соработува со странски бродоградители.

Рускиот претседател, исто така, повика на проширување на северните пристаништа на земјата и изградба на трговска флота на Арктикот, поддржана од ледокршачи од новата генерација, вклучително и оние на нуклеарен погон. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top