Американската потпретседателка Камала Харис денеска ја даде својата прва изјава откако претседателот Џозеф Бајден се повлече од претседателската трка и ја препорача да биде кандидат на Демократската партија на изборите во ноември, а во меѓувреме повеќе од 700 делегати на партијата изјавија дека планираат да ја поддржат на конвенцијата.
Бајден (81) вчера се повлече од трката, под притисок од стравувањата во партијата дека по исклучително лошиот ТВ дуел со републиканскиот кандидат Доналд Трамп, нема да може да го победи на изборите.
Повеќе од 700 делегати, што е повеќе од една третина од делегатите потребни за официјално да биде номиниран кандидат за претседател на Демократската партија – рекоа дека ќе ја поддржат Харис на конвенцијата на Демократскиот национален комитет. Таа треба да собере повеќе од 1.976 гласови за да стане кандидатка.
Камала Харис денеска ја даде првата изјава по одлуката на Бајден да се пензионира, и на отворањето на националното првенство во атлетика рече дека наследството на Бајден е „неспоредливо“ и оти таа е „длабоко благодарна за неговата служба за нацијата“.
Таа го замени претседателот како говорник, бидејќи тој закрепнува од Ковид во неговиот дом во Делавер, каде што е во изолација.
Во својот говор, Харис го поздрави „несебичниот и патриотски чин“ на Бајден за повлекување од претседателската трка и додаде дека таа има намера „да ја заработи и да ја освои“ номинацијата на партијата.
– Ќе направам се што е во моја моќ да ја обединам Демократската партија – и да ја обединам нашата нација – за да го поразиме Доналд Трамп и неговата екстремистичка агенда, „Проект 2025“, рече Харис.
Таа денеска треба да отпатува во Вилмингтон, каде што се наоѓа предизборниот штаб на Бајден, за да се запонае со членовите на тимот за нејзината кампања.
По повлекувањето на Бајден, кандидатите можат да гласаат за кого сакаат на конвенцијата, но никој досега не се пријавил да биде кандидат освен Камала Харис, и таа е единствениот пртогласен кандидат.
До изборите остануваат уште нешто повеќе од 100 дена.
Демократската конвенција ќе се одржи од 19 до 22 август во Чикаго, но пред тоа, на почетокот на август, ќе се одржи виртуелно гласање. (МИА)