Белгиските универзитетски професори и студенти денеска одржуваат протестен марш низ улиците на Брисел, во знак на незадоволство од предлогот на Федералната влада на Белгија за намалување на буџетот и од мерки за штедење во високото образование.
Синдикатите, организатори на протестот, посочуваат дека кратењето на средства ќе го доведе во прашање опстојувањето на над 1.000 работни места во секторот на високото образовани и „ќе ја загрози иднината на истражувањето и образованието“.
– Заедно, да и порачаме на Владата: Вашите мерки ја убиваат иднината на нашата младина! Нема да ви дозволиме да го направите ова, нагласија синдикатите.
Маршот, во чија организација се приклучи и здружението „Лути универзитети“, започна пред Слободниот универзитет во Брисел, кој ќе биде особено погоден од мерките на штедење, од каде демонстрантите се упатија до пред белгискиот Парламент.
Синдикалната активистка и професорка на Католичкиот универзитет во Лувен, Мајка Де Кајзер во изјава за белгиските медиуми нагласи дека денешниот протест е одраз на „критичната состојба“ во која се наоѓа белгискиот образовен систем.
– По последователните намалувања на буџетот, универзитетите и колеџите се соочуваат со финансиски тешкотии. Со тоа сериозно е загрозен квалитетот на образованието, изјави Де Кајзер.
Поддршка на протестот изрази и Студентскиот совет при Слободниот универзитет во Брисел, кој изрази стравување од последиците од намалувањето на буџетот за високото образование по студентите.
– За многу студенти, особено за стипендисти, иднината станува сè понеизвесна. Сега, дури се разгледува и зголемување на школарината, изјави претседателот на Студентскиот совет, Леон Бауверартс.