Свет протести

Продолжуваат протестите во Иран

Во Иран деветти ден по ред се одржуваат протести поради влошената економска ситуација. Според активистите, протести има во 26 од вкупно 31 ирански провинции.

Продолжуваат протестите во Иран

Во Иран деветти ден по ред се одржуваат протести поради влошената економска ситуација. Според активистите, протести има во 26 од вкупно 31 ирански провинции.

Демонстрантите извикуваат пароли „Смрт на диктаторот“, алудирајќи на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, „Пахлави се враќа“ – синот на прогонетиот починат шах, како и „Слобода, слобода, слобода“.

Според активистите во протестите убиени се најмалку 19 демонстранти.

Претседателот на САД, Доналд Трамп ги предупреди иранските власти дека ќе бидат „силно нападнати“ ако има уште жртви.

– Многу внимателно ја следиме ситуацијата. Ако почнат да убиваат луѓе, како што правеа и оретходно, мислам дека САД многу силно ќе нападнат, истакна Трамп.

Додека портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи го обвини Израел дека се обидува „да го потткопа иранското национално единство“.

Претседателот на иранскиот Парламент, Мохамад Бакер Калибаф денеска изјави дека „легитимните барања“ на демонстрантите треба да бидат слушнати и искористени како основа за промени. Сепак, тој додаде дека сите странски агенти и противници на режимот, кои се обидуваат да ги искористат протестите ќе бидат „ефикасно соочени“.

Демонстрантите во Иран на 31 декември добија поддршка од израелската разузнавачка служба Мосад.

– Излезете заедно на улиците. Дојде време. Ние сме со вас. Не само од далечина или преку зборови. Ние сме со вас на терен, објави Мосад на платформата Икс.

Протестите почнаа на 28 декември во Техеран кога трговците го изразија својот револт поради рекордно високата девалвација на домашната валута риалот во однос на американскиот долар и растечката инфлација. Студентите наскоро се придружија на протестите, а немирите се проширија и во други градови. Тоа се најмасовни протести во Иран од 2022 година по смртта на 22-годишната Иранка со курдско потекло, Махса Амини. Таа беше уапсена во 2022 година од така наречената Иранската морална полиција за наводно кршење на законот за задолжително носење шамија, а почина во притвор три дена подоцна.

Риалот е на рекордно ниско ниво, а инфлацијата се искачи на 40 проценти, бидејќи санкциите поради нуклеарната програма на Иран ја задушија економијата.

To top