Свет

ПРЕД 60 ГОДИНИ И ДЕНЕС ВО ИСТИ ЗНАК – започна кинеската Нова година, ова животно кое се слави годинава носи добра среќа, сила и здравје!

ПРЕД 60 ГОДИНИ И ДЕНЕС ВО ИСТИ ЗНАК – започна кинеската Нова година, ова животно кое се слави годинава носи добра среќа, сила и здравје!

Лунарната Нова 2024 година започнува денеска, 10 февруари. Прославата трае 15 дена и завршува со фестивалот на фенерите.

Во кинеската традиција, секоја година е претставена со едно од 12-те животни во кинескиот хороскоп. Во 2024 година, од годината на зајакот влегуваме во годината на змејот.

Но, што значи сето тоа?

Еве што треба да знаете:

Дали Лунарната Нова Година е иста што и Кинеската Нова Година?

Иако понекогаш овие имиња се користат како синоними, постои разлика.

Во Кина, кинеската Нова година вообичаено се нарекува пролетен фестивал, бидејќи го означува крајот на зимата и почетокот на пролетта. Тој е еден од четирите најважни традиционални фестивали во земјата и го означува почетокот на новата година според кинескиот лунарен календар.

Името Кинеска Нова Година се однесува на новогодишните прослави кои ја слават кинеската традиција и култура. Но, овој празник го слават и неколку земји во источна и југоисточна Азија, но на различни начини.

Лунарната Нова Година е поопшт термин кој ги вклучува сите прослави кои ја одбележуваат Новата година според лунарниот календар. Во други земји, тие претпочитаат да го користат името Лунарна Нова Година наместо Кинеска Нова Година или Пролетен фестивал.

Сепак, противниците на ова именување во Кина тврдат дека празникот се заснова на кинескиот месечев календар (чиј датум го означува и лунарниот месец и времето на сончевата година) и историското влијание на Кина врз земјите во регионот.

Значи, изборот на зборови може да биде дискутабилен.

Каде се слави Лунарната Нова Година

Оваа година повеќе од 1,5 милијарди луѓе низ светот ќе ја прослават Лунарната Нова Година.

Тоа воедно претставува и најголема годишна миграција на луѓе во светот, бидејќи во пресрет на празниците милиони луѓе патуваат за да бидат со семејството и пријателите.

Во Виетнам, Новата година се нарекува Тет Нгуен Дан, скратено Тет, што значи утро на првиот ден (на лунарната година). Сеолал се слави во Северна Кореја и Јужна Кореја. Монголија го слави Цагаан сар, а некои луѓе го нарекуваат фестивал на белата месечина.

Во Кина во пресрет на Новата година се врши темелно пролетно чистење на домовите. Се верува дека тоа ја отстранува несреќата и дозволува среќата да влезе во домот.

Семејствата и пријателите се собираат на специјална вечера.

На трпезата има многу храна -nudle, hot pot (тенџере со разновиден зеленчук и месо), солени увијачи од варено тесто, ниан гао (новогодишна оризова торта), риба и мандарини, за кои се верува дека носат среќа во наредната година.

Се организираат и огномети, луѓето се дотеруваат и закачуваат црвени лампиони.

За лунарната Нова година, вообичаено е да се подаруваат коверти со црвени пари (хонгбао) на пријателите и членовите на семејството, посакувајќи им благосостојба и среќа во Новата година.

Колку дена се прославува кинеската нова година во 2024 година?

Датумот на новата година се одредува според лунарниот календар. Паѓа на втората млада месечина по зимската краткоденица на 21 декември, обично помеѓу 21 јануари и 20 февруари. Прославата обично трае 15 дена. Започнува на денот на младата месечина и трае до полната месечина.

Оваа година, Државниот совет на Кина донесе одлука празникот на пролетниот фестивал да трае вкупно осум дена, од 10 до 17 февруари.

Денот кога се слави кинеската Нова година не е државен празник, но на работодавачите им се препорачува тој ден да го сметаат како платен одмор.

Потеклото на кинеската Нова Година

Се верува дека кинеската Нова година започнала да се слави во 14 век п.н.е., за време на владеењето на династијата Шанг.

Според кинеската митологија, Новата година е поврзана со борбата против чудовиштето наречено Ниан (што на кинески значи „година“). Чудовиштето би се појавило на првиот ден од Новата година за да го опустоши селото.

Меѓутоа, селаните откриле дека Ниан се плаши од гласни звуци, силни светла и црвена боја. Затоа секоја Нова година селаните закачуваа црвени лампиони и фрлаа петарди за да го избркаат Ниан.

Чудовиштето никогаш повеќе не било видено.

Во знакот на кое животно е кинеската Нова 2024 година

Во кинеската традиција, секоја лунарна година е претставена со едно од 12-те животни од кинескиот хороскоп: стаорец, бик (бивол), тигар, зајак, змеј, змија, коњ, коза, мајмун, петел, куче и свиња.

Секое животно е поврзано со елемент – метал, дрво, вода, оган и земја. Потребни се 60 години за секое животно да помине низ сите елементи.

Годината на зајакот во 2024 преминува во година на дрвениот змеј. Годината на Дрвениот змеј е еднаш на секои 60 години. Последната година на дрвениот змеј беше во 1964 година, а пред тоа беше 1904 година.

Се верува дека комбинацијата на хороскопскиот знак (животно) и елементот одредува уникатен сет на човечки карактеристики кои влијаат на неговиот живот.

Змејот е петтото животно во кинескиот хороскоп.

Во кинеската култура, тој претставува добра среќа, сила, здравје и машкиот принцип на јанг.

Некои од познатите луѓе кои се родени во годината на дрвениот змеј се: кинескиот комунистички лидер Денг Сјаопинг (22 август 1904 година), Џек Ма, ко-основач на една од најголемите светски компании за онлајн шопинг Alibaba Group (10 септември, 1964), шпанскиот уметник Салвадор Дали (11 мај 1904 година) и поранешниот британски премиер Борис Џонсон (19 јуни 1964 година).

Најнови вести од Свет

To top