Свет

Полските земјоделци со про-Путин транспаренти, за властите тие се под влијание на руски агенти

Антиукраинските и про-Путин транспаренти кои полските фармери ги носеа за време на протестите можеби биле под влијание на „руски агенти“, соопшти денеска полското Министерство за надворешни работи.

Полските земјоделци со про-Путин транспаренти, за властите тие се под влијание на руски агенти

– Веруваме дека тоа е обид да се воспостави контрола врз протестното движење на фармерите од страна на екстремистички и неодговорни групи кои можат да бидат под влијание на руски агенти, се вели во соопштението на Министерството.

За време на вчерашните демонстрации, земјоделците во Горжицчи, јужна Полска, кренаа транспарент на кој пишуваше: „Путин, воспостави ред во Украина, Брисел и нашата влада“, веејќи знаме на Советскиот Сојуз.

Фотографијата од транспарентот се прошири на социјалните мрежи, што предизвика остра реакција од Киев.

Варшава „со голема загриженост го забележува појавувањето на антиукраинските слогани и други кои го слават Владимир Путин и војната што тој ја води, за време на неодамнешните блокади на земјоделците“, се вели во соопштението на полското министерство и се нагласува дека таквите акции создаваат „лоша слика за Полска“.

Портпаролот на локалната полиција денеска изјави дека „знамето и транспарентот“ се „запленети“. „Лицето кое управувало со возилото е идентификувано“, соопштија органите на редот.

Полска е еден од најголемите поддржувачи на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, но во последниве месеци нивните односи се влошија поради трговските спорови.

Полските земјоделци вчера почнаа нов бран протести, блокирајќи околу стотина патишта во земјата и гранични пунктови со Украина, незадоволни од „неконтролираниот“ увоз на жито од Украина и европската земјоделска политика.

Овие нови протести избувнаа само неколку недели по завршувањето на слична блокада на границата со Украина од страна на полските возачи на камиони.

To top