Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски во денешниот говор пред Парламентот во Варшава ја повика Германија да даде предлози како да се санираат штетите нанесени на Полска за време на Втората светска војна.
Според него, Германија би можела да обезбеди финансиска поддршка на Полјаците кои ја преживеале германската окупација помеѓу 1939 и 1945 година, да придонесе за реставрација на уништените историски градби или да поттикне во поголема мера учење на полски јазик и познавање на полската историја во Германија.
-Германските инвестиции во безбедноста на Полска и на целиот регион се клучни. Тоа би било израз на фактот дека грешките од минатото се разбрани и оти се добредојдени предизвиците на иднината, посочи Шикорски.
Германската инвазија на Полска во септември 1939 година го означи почетокот на Втората светска војна. Според извештајот на поранешната полска владата на Правда и право (ПиС) од 2022 година, над 5,2 милиони луѓе загинале во Полска за време на Втората светска војна, а над 2,1 милиони луѓе биле испратени во Германија на принудна работа. (МИА)