Холанѓаните денеска гласаат на предвремени парламентарни избори, кои би можеле да отворат нова страница на домашната политичка сцена во услови на фрагментиран и нестабилен партиски пејзаж, при што се очекува во места во новиот состав на холандскиот Парламент да обезбедат 16 или 17 политички партии од вкупно 26-те пријавени изборни листи.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, карактеристика на овие избори е што по 13 години на власт, на гласачките ливчиња како кандидат го нема актуелниот премиер Марк Руте, што значи дека нема да може да ја задржи сегашната позиција, но и ги подгрева шпекулациите дека би можел да биде следниот генерален секретар на НАТО или да заземе некоја од функциите на ниво на ЕУ по изборите за Европскиот парламент во јуни идната година.
Холандските избори би можеле да бидат важни и за Европа, од причина што досега Холандија беше „прагматичното момче“ на Унијата, често јавувајќи се како клучен посредник во постигнувањето на договорите во рамки на блокот, но со евентуално формирање на просуверенистичка десничарска влада, земјата би можела да ја загуби улогата на „локомотива на единството на ЕУ“.
Некои аналитичари овие избори ги оценуваат како почеток на нова ера на холандската политичка сцена, од причина што се очекува дел од водечката партиска четворка во земјата да биде новоформираната десничарска партија Нов социјален договор (НСЦ) на Питер Омцигт, што на домашната политика се враќа творецот на зелениот план на ЕУ, Франк Тимерманс, но и тоа што Холандија би можела да ја добие и првата жена на чело на Владата и тоа уште со мигрантско потекло – Дилан Јешилѓоз-Зегериус.
Дополнителна неизвесност претставува тоа што, според анкетите, голем дел од гласачите се уште не решиле за кого ќе гласаат, првпат во современата холандска политичка историја може да се случи ниту една партија да нема повеќе од 30 мандати во 150-члениот Долен дом на Парламентот и тоа што големиот број партии што ќе освојат пратенички места како резултат на нискиот изборен праг може да резултира со долготрајни преговори за формирање на нова влада. Меѓупартиските преговори за формирање на досегашната коалициска Влада траеја девет месеци, а таа „издржа“ на власт помалку од две години.
Според анкетите, најмногу гласови се очекува да освои конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на Руте, со која сега раководи Дилан Јешилѓоз-Зегериус, натурализирана Холанѓанка, родена во Анкара, од мајка Турчинка и татко Курд, која е релативно ново лице на холандската политичка сцена на национално ниво. Актуелната министерка за правда и безбедност, Јешилѓоз-Зегериус, која е која во една прилика беше наречена „питбул со високи потпетици“, со своето семејство емигрирала од Турција во Холандија на седумгодишна возраст. Таа ја водеше кампањата под мотото „На ваша страна“, ветувајќи обнова на земјата, иако нејзината партија е водечка во владините коалиции од 2010 година. Јешилѓоз-Зегериус не ја исклучува можноста за соработка со екстремната десница, нешто на што жестоко се противеше нејзиниот претходник на позицијата партиски лидер Руте.
Веднаш зад ВВД се лево центристичкиот блок на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ), предводен од Тимерманс и националистичката и десно популистичка Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс.
Тимерманс, кој е единствениот левичарски кандидат за премиер од водечките претенденти за оваа функција, во август поднесе оставка на местото извршен потпретседател на ЕК за Европскиот зелен договор и еврокомесар за климатска акција за да ја предводи листата на лабуристите и зелените на овие избори. Спроведувачот на Европскиот зелен договор, кој ужива најголема популарност меѓу гласачите на возраст од 18 до 34 години, во текот на кампањата мораше да се откаже од заложбите за емисии на азотни соединенија, со цел да не ја загуби поддршката на земјоделците и вети зголемување на даноците за богатите, нагласувајќи дека тоа можеби „не е добро за милионерите, но ја прави Холандија поправедна“. Иако партиите од неговиот изборен блок досега беа во опозиција, Тимерманс не ја отфрла можноста за коалициска соработка со Јешилѓоз-Зегериус и Омцигт, кои беа дел од досегашната владејачка коалиција.
Доајенот на холандската екстремна десница Герт Вилдерс, е познат по своите проруски и антиисламски ставови, кои опфаќаат и предлози за забрана на џамиите, Куранот и исламските верски училишта и по заложбите за „Негзит“ – истапување на Холандија од ЕУ. Сепак, Вилдерс, кој е 25 години на холандската политичка сцена, во текот на кампањата имплицираше дека е можно да отстапи од некои од своите ставови, бидејќи земјата „очигледно има поважни приоритети“, покажувајќи го интересот на неговата партија да биде дел од идната влада.
Прогнозите се дека ВВД и блокот на лабуристите и зелените ќе освојат по 26 или 27 пратеници, а ПВВ на Вилдерс – 26 мандати. Малку зад нив, со прогнозирани 21 до 23 пратеници е НСЦ, која Омцигт ја формираше во август годинава откако претходно ја напушти десноцентристичката Христијански демократски повик (ЦДА), отворено противејќи се на зајакната внатрешна интеграција на ЕУ и предлагајќи по изборите да се формира влада на партиите „десно од центарот“, но без Вилдерс. Популарноста на Омцигт порасна откако во 2019 година го разоткри скандалот за распределба на социјалната помош со што на повеќе од 20.000 семејства им бил ускратено правото на детски додаток, што во 2021 година доведе до пад на тогашната Влада на Руте. Омцигт, чии главни заложби во кампањата беа „зајакнување на социо-економската сигурност на холандските домаќинства“ и „промена на културата на водење на политиката“, најави дека нема намера да се кандидира за премиер, туку сака да раководи со неговата партија од Парламентот.
ВВД, ПВДА-ГЛ, ПВВ и НСЦ се единствените партии кои се очекува да освојат над 10 отсто од гласовите. Петта далеку зад нив е социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) на која и се предвидуваат осум мандати, пред десно популистичкото земјоделско Движење земјоделци-граѓани (БББ) кое се очекува да освои шест или седум пратеници, левичарската Социјалистичка партија (СП) со пет до шест пратенички места и поранешната партија на Омцигт, ЦДА на која и се прогнозираат четири до шест мандати.
Натаму следуваат еколошката Партија за правата на животните (ПВДД), која може да се надева на пет пратенички места, екстремно десничарскиот и евроскептичен Форум за демократија со четири до пет мандати и три партии на кои им се предвидува да освојат три или четири пратеници – демохристијанската конзервативна Христијанска унија (ЦУ), прогресивната проевропска партија Волт и партијата што ги застапува интересите на Холанѓаните со турско, блискоисточно и северноафриканско потекло Денк, збор што на холандски значи „размислувај“, а на турски „еднаквост“.
Протестантската конзервативна Реформирана политичка партија (СГТ) би требала да освои два до три пратеника, антиимигрантската десничарска партија Точен одговор 2021 (ЈА21) може да очекува еден до два пратеника, десно популистичката Интерес на Холандија (БВНЛ) би освоила еден мандат, а изборниот праг би можеле да го минат и да освојат по едно пратеничко место и партијата на Холанѓаните со африканско потекло Заедно (БИЈ1) и центристичката партија на пензионерите 50 Плус (50+).
Денешното гласање во Холандија се одржува две и пол години по претходните парламентарни избори, спроведени во март 2021, откако во јуни годинава се распадна Владата на Руте составена од неговата ВВД, ЦДА, Д66 и ЦУ, поради несогласувања околу миграциските прашања.
Изборите се одржуваат во време кога Холандија се соочува со зголемени трошоци за живот, сериозен недостиг на станбен простор, спротивставени ставови околу прашањето за миграцијата и проблеми во здравствениот систем.
Клучен проблем за мнозинството Холанѓани е значителниот раст на трошоците за живот во услови на зголемени цени во продавниците, поскапување на енергијата и раст на наемнините за домување, што доведе до тоа околу 830.000 луѓе да бидат под прагот на сиромаштија.
Од друга страна, според една анализа, бројот на заинтересирани купувачи на домови е девет пати поголем од бројот на станбени објекти што се нудат за продажба, а нема доволно ни социјални станови, што ги субвенционирани државата за социјално ранливите категории граѓани.
Како виновници за проблемот со недостигот на станови во текот на кампањата беа посочени мигрантите, во услови кога лани бројот на баратели на азил во Холандија достигна 223.000, што е двојно повеќе во споредба со 2021 година, но и при голем прилив на украински бегалци, па оттаму повеќето партии во кампањата најавуваа заострување на миграциските правила.
Проблем постои и во здравствениот систем, откако од 2006 година Холанѓаните плаќаат за здравствено осигурување и тоа во просек по нешто над 141 евро месечно за основниот осигурителен пакет. Според едно истражување, дури 61 процент од граѓаните стравуваат дека нема да бидат во можност да си го дозволат тоа здравствено осигурување, па се залагаат за повторна национализација на здравствениот систем.