Вработените во државната Национална железничка компанија на Белгија (СНЦБ/НМБС) од синоќа во 22 часот стапија во штрајк, кој се очекува да трае до петок во 22 часот.
Раководството на СНЦБ/НМБС информира дека и покрај штрајкот, железничкиот сообраќај нема да биде во целосен прекин и дел од возовите ќе сообраќаат опслужувани од оние вработени во железницата кои не учествуваат во прекинот на работа.
За денеска е најавено дека ќе сообраќаат три четвртини од меѓуградските возови и по околу две третини од локалните и приградските линии.
Штрајкот заеднички го организираат пет железнички синдикати, кои се незадоволни од предлог-законот за реформа на железницата, што белгиската Влада го презентираше минатиот месец.
Владата тврди дека со реформата ќе биде модернизирана работата на државната железничка компанија, со тоа што, меѓу другото, се укинува вработувањето во СНЦБ/НМБС на неопределено време.
Но, синдикатите не се согласуваат со ваквиот предлог тврдејќи дека статусот на вработените во СНЦБ/НМБС на постојан државен службеник гарантира квалитетна јавна услуга и за работниците и за патниците.
Синдикатите се загрижени и дека со предложените измени ќе му се овозможи на раководството на компанијата да носи одлуки без нивна согласност.
Покрај ова синдикатите се незадоволни и од условите за работа во железницата, од владините пензиските реформи и од „општото влошување на јавните услуги“.
– Не станува збор само за работните места на железничките работници. Тоа е идеолошка дебата за иднината на јавниот сектор, изјави претседателот на Општата конфедерација на железнички работници во јавниот сектор, Пјер Лежен.
Во текот на 2025 година, вработените во СНЦБ/НМБС штрајкува вкупно 27 дена, од кои 21 беа во организација на железничките синдикати, додека останатите беа дел од генералните штрајкови на ниво на цела Белгија.
Инаку, од денеска на неопределено време во штрајк стапија и вработените во јавниот градски транспорт во Валонија, поради што се очекуваат прекини и редуцирање во автобускиот и трамвајскиот превоз во овој белгиски регион.