Пет лица се заробени во пештерата Крижна Јама во југозападна Словенија и не можат да излезат поради висок водостој предизвикан од обилните врнежи, соопштија денеска локалните власти.
Меѓу нив е и тричлено семејство и двајца водичи кои се таму од саботата, кога нивото на водата во пештерата се подигна, блокирајќи го излезот.
Словенечките спасувачки екипи соопштија дека нуркачи стигнале до групата и ја префрлиле на безбедно место предвидено за такви ситуации, каде ќе треба да чекаат да се намали нивото на водата.
Во акцијата за спасување во моментов се вклучени 35 спасувачи и осум нуркачи од цела Словенија, потпомогнати од 11 пожарникари и припадници на силите за цивилна заштита, соопштија властите. (МИА)