Американското Министерство за одбрана денеска соопшти дека склучило договори со одбранбената индустрија за да го префрли производството на ракети „на воена основа“, бидејќи конфликтот на Блискиот Исток ги принудува да трошат муниција со забрзано темпо.
Војските на САД, Израел и земјите од Заливот користат големи количества пресретнувачки ракети во иранските одмазднички напади, што го поставува прашањето колку залихи од ова многу скапо оружје им се на располагање.
Пентагон денеска соопшти дека четирикратно ќе го зголеми производството на клучната компонента за системот за противракетна одбрана на голема надморска височина-THAAD, што се смета за еден од најнапредните во светот и кој во последните недели интензивно се користи на Блискиот Исток.
Овој договор со „Локид Мартин“ (Lockheed Martin) и „БАЕ Системс“ (BAE Systems) се однесува на главите за наведување ракети.
На крајот на јануари, „Локид Мартин“ веќе објави забрзување на производството на THAAD од околу сто на околу 400 парчиња годишно во текот на неколку години.
Токму со истиот американски гигант од одбранбената индустрија Министерството објави договор за „забрзување“ на производството на PrSM, тактичка балистичка ракета која првпат беше употребена во борбата против Иран. Ракетата е наследникот на ATACMS.
Овој договор „ја става одбранбената индустрија на воена основа“ и овозможува „градење арсенал на слобода“, се наведува во соопштението на Пентагон.
Производството на PrSM со тоа ќе се зголеми четирикратно, потврди „Локид Мартин“ во посебна изјава.
Вашингтон, исто така, објави трет договор со „Ханивел Аероспејс“ за зголемување на производството на „критични компоненти за американските резерви на муниција“, вклучително и електроника.