Кина денеска ги повика САД да не ги користат другите земји како изговор за остварување на сопствените интереси, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД треба да го поседуваат Гренланд за да спречат идна руска или кинеска окупација на островот.
– Арктикот ги засега заедничките интереси на меѓународната заедница, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг. Таа додаде дека активностите на Кина во овој регион имаат за цел промовирање на мирот, стабилноста и одржливиот развој, повикувајќи на почитување на правата на сите држави за законити активности на Арктикот.
На денешната прес-конференција, Пекинг изрази и категорична поддршка за зачувување на суверенитетот и безбедноста на Куба, како одговор на заканите од страна на Трамп. Истовремено, кинеското МНР упати поддршка до иранскиот народ за надминување на тешкотиите, потенцирајќи дека меѓународното право мора да го штити суверенитетот на секоја земја од надворешни мешања.
Во однос на билатералната соработка со Канада, Пекинг очекува продлабочување на односите за време на претстојната посета на канадскиот премиер Марк Карни на Кина, закажана од 14 до 17 јануари. Ова ќе биде прва посета на канадски премиер на Кина по пауза од осум години.
„Здравиот и стабилен развој на кинеско-канадските односи служи на заедничките интереси на двете земји“, истакна Мао Нинг.