Париз „идентификуваше координиран маневар на Русија“ за ширење лажни информации за Франција и наводното присуство на француски „платеници“ кои се борат на страната на Киев во Украина, соопшти денеска француското Министерство за одбрана.
– Надлежните државни служби го идентификуваа и го следат координираниот маневар на Русија за пренесување на овие лажни информации, вклучително и проруските информативни мрежи и државните медиуми како „Спутник њуз“, РТ и „РИА Новости“, се наведува во соопштението на МО.
Исто така се посочува дека од почетокот на конфликтот во Украина, Франција е „мета на руската кампања за дезинформација“, која се засили во средината на јануари откако францускиот претседател Емануел Макрон ја повтори својата поддршка за Киев.
Следниот ден, руското Министерство за одбрана објави дека руските сили во Харков, во североисточна Украина, гаѓале зграда која служела како „зона за привремено распоредување на платеници, од кои повеќето биле француски државјани“. Москва тогаш објави дека 60 борци се „елиминирани“, а 20 се повредени.
Франција нема платеници, ниту во Украина, ниту на друго место, соопшти француското Министерство за надворешни работи и ја осуди „руската манипулација“. (МИА)