Украински разузнавачки служби регрутирале унгарски државјанин, кој дејствувал во интерес на опозициската партија Тиса, пред парламентарните избори закажани за 12 април, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, коментирајќи го емитувањето на снимката од испрашувањето на ИТ експерт приведен од унгарската безбедносна служба.
– Нема повеќе прашања. ИТ експертот призна дека бил регрутиран од Украинците. Неговото сведочење е јавно и секој може да го чуе. Унгарската контраразузнавачка служба го направи она што требаше да го направи. Ќе го браниме мирот и безбедноста на Унгарија – напиша Орбан на Фејсбук.
Во последните денови, унгарската влада објави докази за присуство на членови и агенти на украинската разузнавачка служба на територијата на земјата, кои се обидуваат да дојдат до државни тајни и да дејствуваат во интерес на опозицијата, пренесе Тас. Меѓу другото, беше објавено дека Украинците се обиделе да го прислушуваат мобилниот телефон на министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, и дека нивните агенти учествувале во работата на партијата Тиса.
На 26 март, Орбан побара од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, веднаш да ги повлече членовите на украинските служби од Унгарија. Тој истакна дека изборите во Унгарија никогаш порано не биле изложени на толку големо странско мешање.
Парламентарните избори, по кои ќе се формира нова влада, се закажани за 12 април. Партијата Фидес – Унгарскиот граѓански сојуз, предводен од Орбан, се бори за гласови со опозициската партија Тиса, чиј лидер е пратеникот во Европскиот парламент Петер Маѓар.