Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 8 март на Флорида ќе се сретне со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, изјави шефот на прес-службата на Орбан, Берталан Хаваси, пренесува агенцијата МТИ.
Орбан минатиот месец ја поддржа кандидатурата на Трамп да се врати во Белата куќа по годинешните претседателски избори, а на 23 февруари рече дека се надева оти Трамп ќе се врати во Белата куќа и ќе придонесе за прекин на огнот во Украина, пренесе „Ројтерс“.
Орбан одби да испрати оружје во Украина и го критикува Западот за воведувањето санкции кон Русија. Тој постојано повикуваше на прекин на огнот и крај на војната во Украина.
„Ројтерс“ оценува дека Орбан нема најдобри односи со администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, главно поради доцнењето на Будимпешта да го ратификува членството на Шведска во НАТО.
По долго одложување, унгарскиот парламент минатата недела го одобри членството на Шведска во НАТО, а сега останува само унгарскиот претседател да го потпише законот оваа недела.