Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека ако украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да биде финансиран од Брисел, Украина мора да ги обнови испораките преку нафтоводот „Дружба“.
– Ако нема нафта, нема пари, нагласи Орбан во видео објавено на Фејсбук.
Тој наведе дека денеска разговарал со претседателот на Европски совет, Антонио Кошта и со премиерот на Словачка, Роберт Фицо за украинската блокада на испораките на нафта.
Орбан истакна дека ставот на Унгарија останува непроменет.
– Ако Зеленски сака да добие средства од Брисел, мора да ја обнови работата на нафтоводот „Дружба“, истакна Орбан.
Тој , исто така, ја обвини Украина дека ја користи блокадата на нафтата за да влијае на домашната политичка ситуација во Унгарија во корист на опозициската партија Тиса.