Обединетите Нации, на 15 мај секоја година, од 1994. досега, го слават Меѓународниот ден на семејството. Празникот го истакнува значењето на семејството во меѓународната заедница.
Во 1993 година, Генералното собрание на ОН донесе решение секој 15 мај да се слави како Меѓународен ден на семејството. Денот е и можност за подигање на свеста за прашањата поврзани со семејниот живот, со нагласка на значењето на социјалните, економските и демографските процеси коишто го засегаат семејството како основна клетка на општеството.
Денот на семејството всушност нѐ потсетува дека едно семејство е заедница на поединци којашто треба да му овозможи на секој нејзин член да си го најде своето место во општеството. Семејството има многу важна улога во развојот на една личност, но и на општеството воопшто. Според пописот во 2021 година, македонското општество го сочинуваат 538.348 семејства. Од нив, бројот брачни парови со најмалку едно дете под 25 години што живее со нив, е 233.570. Брачните парови со најмалку едно дете со 25 години и повеќе, кое живее со нив, се 57.922. Брачните парови без деца се 167.556 семејства.
Во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, според брачниот статус, 23,8 отсто од македонските државјани се неженети или немажени, 65,3 насто се мажени и женети, 7,2 отсто се вдовци и вдовици и 1,6 отсто се разведени.
Семејството е местото каде што личноста се гради и обликува. Начинот на којшто се однесуваме и она што постануваме во животот зависи многу од семејството од кое потекнуваме и во коешто сме израснале. Односите во семејството се пример и модел на односот што детето го воспоставува со надворешниот свет. Наученото „давање и земање“ во рамките на семејството е основа на подоцнежното (не)задоволство или (не)исполнетост во образованието, социјализацијата, врските, бракот, родителството, сексуалниот живот, работата, кариерата итн.
Семејството, пред сè, треба да биде стабилна општествена заедница на заемна љубов, почит, разбирање и доверба. Според истакнатиот психолог од САД, Мерилин Екерман, не постои идеално семејство…
Нецелосните или „неорганизирани“ семејства се изложени на бројни предизвици од социјална, емоционална, морална и материјална природа. Нарушените односи во семејството често изродуваат деца со помала самодоверба, кои очекуваат проблеми и тешкотии од животот. Од друга страна, пак, во основата на секоја заедница е љубовта, чувството на сигурност, наклонетоста, нежноста, оправданата доверба, пријателство, отворениот разговор итн.
Семејниот живот има важна улога во развојот на личноста. Целите што си ги поставува човек во животот многу зависат од начинот на животот што го има во семејство. Стабилната семејна атмосфера и квалитетните меѓусебни односи на секое дете му обезбедуваат доволно сигурност, сила и самоувереност за да зачекори во животот подготвено, задоволно, среќно и со позитивен, благ и оптимистички однос кон својата иднина.