Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека со „тоталната победа“ на израелската армија во Појасот Газа ќе и биде зададен „фатален удар“ на палестинската исламистичка организација Хамас, но и на Иран и неговите сојузници.
„Апсолутна победа е од суштинско значење затоа што гарантира безбедност за Израел. Целосната победа ќе зададе фатален удар на оската на злото, а тоа се Иран, (либанскиот) Хезболах, (јеменските бунтовници од движењето Хути) и секако Хамас“. рече Нетанјаху по средбата со претставници на армијата.
Како што соопшти неговиот кабинет, Нетанјаху во Латрун, недалеку од Ерусалим, истакна дека Израел е „на пат кон целосна победа“, дека е посветен на тоа и дека „нема да се откаже“.
„Нема да ја завршиме војната без да ја постигнеме целта за тотална победа, која ќе ја врати безбедноста и на југот и на северот“, им рече Нетанјаху на членовите на екипажот на тенкот, без да прецизира што значи тотална победа, пренесоа израелските медиуми.
Тој истакна дека 75 отсто од баталјоните на Хамас се уништени, дека нема „замена за тотална победа“ и дека Израел ја уништува мрежата на тунели на Хамас.
Тој изјави дека евакуираните Израелци нема да можат да се вратат во своите домови доколку Израел не ја постигне оваа цел и додаде дека „ќе биде само прашање на време кога ќе следи уште еден масакр“ и дека Хезболах и другите организации „ќе го превртат регионот. Тој со тоа алудираше на нападите на Хамас од Газа врз јужен Израел на 7 октомври, по што започна најновата војна. (МИА)