Свет Израелски медиуми

Нетанјаху патува во Каиро на разговори за прекин на огнот во Газа

Последователно беше објавено дека Египет го поканил и палестинскиот претседател Махмуд Абас на итна посета, објави либанскиот ТВ канал Ал-Мајадин, близок до Хезболах.

Нетанјаху патува во Каиро на разговори за прекин на огнот во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху патува во Каиро за да разговара за прекин на огнот и договор за заложниците кои се држат во Појасот Газа, објавија денеска израелските медиуми пренесувајќи вест на Ројтерс, кој се повикува на неименувани извори информирани за средбата во египетската престолнина.

Тие извори велат дека се очекува договорот да биде потпишан во наредните денови.

Се чини дека ова беше причината поради која денеска беше одложено сведочењето на Нетанјаху во судскиот процес за корупција. Последователно беше објавено дека Египет го поканил и палестинскиот претседател Махмуд Абас на итна посета, објави либанскиот ТВ канал Ал-Мајадин, близок до Хезболах.

Израелскиот преговарачки тим пристигна порано на разговори во Катар во време кога повторно преовладуваше оптимизмот дека може да се постигне договор за прекин на огнот и размена на заложници со палестинскиот исламистички Хамас во Газа.

Двете страни изразија оптимизам во последните денови со тврдењата дека е близок договор за етапно ослободување на преживеаните заложници во замена за прекин на огнот и ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори.

Се верува дека сè уште се држат околу 60 живи заложници, главно Израелци и оние со двојно државјанство, како и телата на 35 други од над 250-те киднапирани и однесени во Газа за време на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година.  (МИА)

To top