Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес во Вашингтон изјави дека „големи работи“ се случуваат кога Израел и Америка соработуваат и дека Тел Авив не се откажува од својата цел за уништување на Хамас.
Тој пред средбата со американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „никогаш немало ниво на координација, соработка и доверба меѓу Америка и Израел како што е денес“.
„За ова извонредно достигнување му оддавам заслуга на претседателот Трамп и мислам дека народот на Израел, а ако можам да кажам така, еврејскиот народ, го цени тоа“, рече Нетанјаху.
Тој нагласи дека Израел е посветен на исполнување на сите свои воени цели во Газа, вклучително и ослободување на заложниците, уништување на воените и административните капацитети на Хамас и обезбедување дека Газа повеќе не претставува закана за Израел, објави „Тајмс оф Израел“.
Тоа значи дека нема да го има Хамас, наведува медиумот. Ова мора да се разбере. Потребна е одредена стратегија. Потребни се некои потези кои се многу болни за Израел и некои кои се многу болни за Хамас“, рече тој.
Нетанјаху нагласи дека Израел бара прекин на огнот под свои услови, откако го прифати најновиот предлог од американскиот претставник Стив Виткоф.
„Исто така, подготвени сме да ја завршиме војната под услов Хамас повеќе да не може да дејствува, повеќе да нема административен или воен капацитет и Газа повеќе да не може да биде закана за Израел“, рече Нетанјаху.
Тој истакна дека постои план за тоа како да се постигне ова, за кој рече дека се согласува со Трамп.
На прашањето дали Израел има намера да ја контролира Газа, тој рече дека планот е енклавата да не биде контролирана од Хамас.
„Ќе направиме што е потребно за да се случи тоа. Нема да има повеќе инвазии, силувања, убиства, егзекуции од Газа – нема да го има Хамас“, повтори Нетанјаху.
Тој додаде дека Хамас мора да го положи оружјето и Газа мора да биде демилитаризирана, пренесува Танјуг.