Израелската армија прави се што може за да избегне да му наштети на персоналот на УНИФИЛ додека го гаѓа Хезболах, сепак, најдобриот начин да се осигура нивната безбедност е да се следи барањето на Израел и привремено да се засолнат, рече Нетанјаху.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли обвинувањата дека израелските војници намерно ги нападнале мировниците на ОН во Либан (УНИФИЛ), велејќи дека тоа е „апсолутна лага“ и го повтори повикот мировниците на ОН што поскоро да ги напуштат борбените зони.
Тој најави дека израелската армија ќе продолжи да го напаѓа цел Либан, вклучително и главниот град Бејрут.
Нетанјаху ја посети тренинг базата Голани, која беше цел на напад со дрон во јужниот град Хаифа.
„Израелската армија прави се што може за да избегне да му наштети на персоналот на УНИФИЛ додека го гаѓа Хезболах. Сепак, најдобриот начин да се осигура безбедноста на членовите на УНИФИЛ е да се следи барањето на Израел и привремено да се засолнат“, рече Нетанјаху.
Зборувајќи за Хезболах, Нетанјаху рече дека Израел ќе ја таргетира милитантната група „секаде во Либан, вклучително и Бејрут“.
„Водиме тешка кампања… ќе продолжиме да се бориме. Сакам да појаснам дека ќе продолжиме безмилосно да го напаѓаме Хезболах насекаде во Либан, вклучително и Бејрут“, рече Нетанјаху.
Израелската армија соопшти дека четворица војници загинале, а 58 се ранети во вчерашниот напад на Хезболах врз воената база Голани на југот на Хаифа.
Во соопштението на Хезболах се наведува дека базата за обука Голани била нападната од флота беспилотни летала за да се покаже солидарност со отпорот на палестинскиот народ во Газа, како и да се испрати порака дека Хезболах ги брани Либан и неговиот народ.