Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел има план за евакуација на цивилите од Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, пред очекуваната израелска воена операција.
– Имаме комбиниран план да ги евакуираме цивилите на безбедно место и да ги уништиме тие баталјони (во Рафа), ќе го извлечеме населението, а во исто време ќе постигнеме целосна победа, изјави Нетанјаху за Фокс њуз.
– Тие ќе имаат опција да заминат, рече израелскиот лидер, мислејќи на повеќе од милион цивили кои побегнаа од војната во најјужниот град во Газа, во близина на затворената граница со Египет.
Зборувајќи за договорот за примирје за ослободување заложници во замена за палестински затвореници во израелските затвори, Нетанјаху рече дека палестински Хамас има „невообичаени барања“. – Тие мора да се вратат во реалноста, порача израелскиот премиер.
Во меѓувреме, медиумите соопштија дека израелските власти денеска отпатуваа за Катар, каде се присутни и претставници на политичкото крило на Хамас, за да разговараат за условите за прекин на огнот во Газа.
Израел е под притисок од својот главен сојузник САД наскоро да се согласи на прекин на огнот.
Нетанјаху во интервјуто истакна дека израелскиот народ е обединет како никогаш досега во ставот дека нема да прифати палестинска држава.
„Тоа не е мој личен став, тоа е став на народот на Израел“, рече Нетанјаху, запрашан за вчерашниот коментар на гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, дека израелскиот премиер го засилил противењето за создавање палестинска држава.
Нетанјаху, исто така, рече дека народот на Израел не е глупав, додавајќи дека Газа е де факто палестинска држава и дека се користи за убивање, силување и киднапирање на Израелци.
Тој оцени дека давањето држава на Палестинците може да биде закана за Израел и може да постави „Гинисов рекорд за наградување на тероризмот“. (МИА)