Свет

Ненадејни поплави во Индонезија: 14 загинати и над 400 евакуирани

Ненадејни поплави во Индонезија: 14 загинати и над 400 евакуирани

Најмалку 14 лица загинаа откако беа однесени од ненадејни поплави во Северен Сулавеси, во Индонезија, изјави денеска официјален претставник, додека потрагата по исчезнатите продолжува.

Вчерашните поројни дождови предизвикаа ненадејни поплави на островот Сијау, што се наоѓа во регионот Сијау Тагуланданг Биаро, изјави Нуриадин Гумеленг, портпарол на локалната агенција за спасување.

Шеснаесет спасувачи се распоредени за да бараат четири исчезнати лица, изјави Гумеленг,  додавајќи дека досега се повредени 18 лица.

„Продолжуваме да собираме информации од локалните жители во случај да има повеќе исчезнати лица“, рече тој.

Главните патишта во погодените области сè уште се покриени со камења, остатоци и густа кал, рече Гумеленег.

Портпаролот на Државната агенција за ублажување на катастрофи, Абдул Мухари, изјави дека најмалку 444 лица се евакуирани во локалните училишта и цркви по ненадејните поплави.

Властите распоредија багери за да ги расчистат патиштата блокирани од остатоци и кал, а стотици домови и владини згради, исто така, се уништени во поплавите, изјави гувернерот на Северен Сулавеси, Јулиус Селванус.

До поплавите дојде во екот на сезоната на дождови на островот Сулавеси, како што прогнозираше Индонезиската метеоролошка агенција. Се очекува островите Јава, Сулавеси, Малуку и Папуа да го доживеат пикот на сезоната на дождови во текот на јануари и февруари, што носи поголем ризик од поплави, соопшти метеоролошката агенција.

To top