Северноатлантската алијанса (НАТО) во моментов нема развиени планови за случај САД да се повлечат од Алијансата, пишува „Политико“, повикувајќи се на повеќе дипломати од воениот сојуз. Според овие наводи, во рамките на НАТО не постои ниту структура, ниту политичка рамка што би овозможила да се осмисли иднината без својата најголема членка.
Еден европски дипломат нагласи дека секое планирање во отсуство на Вашингтон би било директно спротивно на „сама суштина на НАТО“.
-НАТО не е место каде што сојузниците можат да прават планови за иднината без учество на САД. Тоа би било спротивно на самата суштина на НАТО, навел дипломатот.
Иако во јавноста сè почесто се шпекулира за можно дистанцирање на Вашингтон од европските прашања, официјалните лица на Алијансата во моментов не ги толкуваат сигналите од американската администрација како најава за напуштање на сојузот. Наместо тоа, сметаат дека станува збор за „силен повик за будење на Европа“, со цел да преземе поголем дел од товарот доколку американскиот фокус продолжи да се пренасочува кон Арктикот и Индо-пацифичкиот регион.
Ваквата промена на стратешките приоритети отвора прашања за иднината на безбедносната архитектура на Европа, но и за подготвеноста на членките да ги зголемат сопствените капацитети.
Дополнителна тежина на дебатата даваат и најновите изјави од Вашингтон. Американскиот државен секретар, Марко Рубио, порача дека претседателот Доналд Трамп не е противник на Алијансата.
-Претседателот не е против НАТО, нагласи Рубио, обидувајќи се да ги увери сојузниците дека северноатлантското партнерство останува важен елемент на американската надворешна политика.
Во меѓувреме, во американскиот законодавен дом е поднесена иницијатива за напуштање на воената Алијанса.