Свет

Највисокиот суд на ОН му нареди на Израел да го прекине нападот врз Рафа

Највисокиот суд на ОН денеска му нареди на Израел веднаш да го запре воениот напад во градот Рафа на југот на Појасот Газа.

Највисокиот суд на ОН му нареди на Израел да го прекине нападот врз Рафа

Највисокиот суд на ОН денеска му нареди на Израел веднаш да го запре воениот напад во градот Рафа на југот на Појасот Газа.

Меѓународниот суд на правдата (МСП) во својата одлука наведе дека „не е убеден“ оти евакуацијата на Рафа и другите израелски мерки се доволни за да се намалат страдањата на Палестинците, пренесоа агенциите.

Читајќи ја одлуката за новите привремени мерки утврдени од МКС, претседателот на судот, Наваф Салам, рече дека привремените мерки наложени од судот во март не дале резултат на ситуацијата во Газа и дека се стекнати услови за нова итна мерка.

„Израел мора веднаш да ја прекине воената офанзива во Рафа“, рече Салам.

Судот го потврди барањето на Јужна Африка за Израел да ја запре својата офанзива во Рафа на една недела, откако Преторија тоа го побара во случајот во кој Израел го обвини за геноцид во Појасот Газа.

Само оваа недела, три европски земји објавија дека ќе ја признаат палестинската држава, а главниот обвинител на друг суд на ОН побара налози за апсење на израелските лидери и претставници на Хамас.

Како што наведуваат агенциите, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, е под притисок дома да стави крај на војната предизвикана од нападот на палестинските екстремисти од Газа во јужен Израел, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили, а беа земени повеќе од 250 заложници. Повеќе од 35.800 Палестинци загинаа во израелската воена кампања како одмазда во Газа.

Илјадници Израелци демонстрираат повикувајќи ја владата да постигне договор за ослободување на заложниците.

Израел, исто така, најави дека ќе ја отфрли наредбата на МКС за прекин на операциите.

„Нема сила во светот што ќе го спречи Израел да ги заштити своите граѓани и да го гони Хамас во Газа“, изјави портпаролот на израелската влада Ави Хајман.

Израелските лидери постојано ги отфрлаа обвинувањата за геноцид како неосновани и тврдат дека операциите во Газа се самоодбрана и дека екстремистите на Хамас се тие кои започнаа нападот на 7 октомври.

To top