Свет

Најмалку 34 загинати во американските напади во Ирак и Сирија

Најмалку 34 загинати во американските напади во Ирак и Сирија

Најмалку 34 лица, вклучувајќи и борци на проиранските милиции, загинаа во синоќешните американски воздушни напади во Ирак и Сирија, соопштија денеска властите во Багдад и во Дамаск, пренесува ДПА.

Ирачката влада ги оцени нападите како „еклатантната агресија“ во која загинале 16 лица, меѓу нив и цивили, а 25 се повредени.

Багдад, исто така, негираше дека се координирал со САД за нападите и предупреди дека ваквите активности ќе ја доведат безбедносната ситуација во Ирак и во регионот на „работ на бездната“.

– Американската страна намерно се вклучи во измама и искривување на фактите, наведувајќи дека имало координација со ирачките власти за извршување на оваа агресија – неосновано тврдење направено за да го доведе во заблуда меѓународното јавно мислење и да ја избегне правната одговорност за овој чин, изјави портпарол на ирачката влада.

Ирак соопшти дека ќе го повика в.д. амабасадорот на САД во Багдад за да му врачи официјална протестна нота поради нападите.

Американските напади ги осуди и Иран. Спорее иранското Министерство за надворешни работи, „овие авантуристички напади само ќе доведат до поголема тензија и нестабилност во регионот“.

Техеран ги обвини САД дека се обидуваат да ги прикријат израелските воени злосторства во Газа. Ова беше „стратешка грешка“ на американската администрација и само дополнително ќе го вовлече Вашингтон во конфликтот меѓу Израел и Палестина, се вели во реакцијата на иранското МНР.

Американската војска во петокот соопшти дека нападнала повеќе од 85 цели во Сирија и Ирак, како одговор на нападот на проиранските милиции во кој загинаа тројца американски војници во Јордан минатата недела.

Според воените известувачи, во американските напади загинале најмалку 23 членови на милициите поддржани од Иран во Сирија.

Сириските власи соопштија дека „американската агресија“ оставила неодреден број цивили и војници мртви и предизвикала голема материјална штета.

Сириската државна новинска агенција САНА, повикувајќи се на Министерството за одбрана, објави дека областа која била цел на американските напади, е местото каде што сириската армија се бори против милитантите на Исламската држава.

– Оваа агресија нема никакво оправдување освен обид за слабеење на способностите на сириската армија и нејзините сојузници во борбата против тероризмот, се вели во соопштението на Министерството, што го пренесува САНА.

Најнови вести од Свет

To top