Обединетите нации соопштија денеска дека повеќе од 14 милиони луѓе ги напуштиле своите домови во Украина во текот на двете години од руската инвазија, а речиси 6,5 милиони сега живеат надвор од земјата како бегалци.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) на ОН посочи дека покрај бегалците во странство, околу 3,7 милиони луѓе остануваат раселени во Украина. Над 4,5 милиони луѓе се вратиле дома до денес, или од странство или од раселувањето низ земјата.
„Уништувањето е широко распространето, загубата на животи и страдањето продолжуваат. Меѓународната организација за миграција на ОН ја пофалува Владата на Украина и украинскиот народ за нивната сила и издржливост, како и соседите на Украина кои ги прифаќаат тие што бараат безбедност. Остануваме целосно посветени на ублажување на човечкото страдање и помагање за закрепнување, се вели во соопштението на генералниот директор на Меѓународната организација за миграција на ОН, Ејми Поуп.
Агенцијата на Обединетите нации соопшти дека поддржала 6,5 милиони луѓе во Украина и во 11 земји во источна Европа кои се домаќини на бегалци. (МИА)