Свет По победата

Мишел и Фон дер Лајен телефонски разговарале со Трамп

Заедно можеме да поттикнеме просперитет и стабилност на двете страни од Атлантикот, наведе Фон дер Лајен во објавата. 

Мишел и Фон дер Лајен телефонски разговарале со Трамп

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен објавија дека телефонски му ја честитале на Доналд Трамп на изборот за претседател на САД.

-Повторно преку телефон му честитав на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. ЕУ и САД споделуваат заеднички вредности и интереси. Подготвени сме да ги продлабочиме односите ЕУ-САД на сите полиња, објави Мишел на Икс.

Тој во објавата натаму нагласува дека во телефонскиот разговор ги истакнал приоритетите на ЕУ во однос на економијата и геополитичката ситуација, пред се околу Украина и Блискиот Исток.

-Ќе продолжиме да ја правиме Европа посилна и да инвестираме повеќе во нашата одбрана и безбедност, додаде Мишел во објавата.

И Фон дер Лајен на Икс објави дека имала „одличен телефонски повик“ со Трамп и дека му честитала за изборната победа.

-Со нетрпение очекуваме да ги зајакнеме врските ЕУ-САД и да работиме заеднички во справување со геополитичките предизвици. Разговаравме за одбраната и Украина, за трговијата и енергијата. Заедно можеме да поттикнеме просперитет и стабилност на двете страни од Атлантикот, наведе Фон дер Лајен во објавата.

Мишел и Фон дер Лајен преку објави на Икс му честитаа на Трамп уште во средата претпладне кога стана извесно дека тој победил на претседателските избори во САД. (МИА)

To top