Мета им објави забрана за пристап на руската државна телевизија РТ, Росија Сегодња и други руски државни медиуми на своите платформи, тврдејќи дека користеле измамнички тактики за да вршат операции за тајно влијание на интернет, пренесе Ројтерс.
Забраната означува остра ескалација на акциите на најголемата светска компанија за социјални медиуми против руските државни медиуми, откако таа со години преземаше поограничени чекори како што се блокирањето реклами и намалувањето на досегот на нивните објави.
„По внимателно разгледување, ги проширивме тековните мерки против руските државни медиуми. Росија Сегодња, РТ и други поврзани субјекти сега имаат глобална забрана за пристап на нашите апликации поради активности на странско мешање“, се вели во писмената изјава на Мета.
Спроведувањето на забраната ќе стапи на сила во наредните денови, се вели во соопштението. Покрај Фејсбук, апликациите на Мета ги вклучуваат Инстаграм, Ватсап и Тредс.
Руската амбасада не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар, а Белата куќа одби да коментира.
Потегот на Мета доаѓа откако Соединетите Држави покренаа обвиненија за перење пари против двајца вработени во РТ претходно овој месец за, како што рекоа официјални лица, ангажирање на американска компанија за креирање интернет содржини за да влијаат на овогодинешните американски претседателски избори.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен во петокот рече дека земјите треба да ги третираат активностите на руската државна телевизија како што ги третираат тајните разузнавачки операции.
РТ ги обвини САД дека се обидуваат да ја спречат телевизијата да дејствува како новинарска организација.