Свет Посета на Велика Британија

Макрон во тридневна посета на Велика Британија, ќе разговара со Стармер за миграцијата

Освен церемонијалната димензија, посетата има и политички карактер, бидејќи се очекува Макрон подоцна во неделата да се сретне со премиерот Стармер. Во фокусот на нивната средба ќе биде проблемот со малите чамци што пренесуваат мигранти преку каналот, откако бројот на такви преминувања годинава надмина 20.000.

Макрон во тридневна посета на Велика Британија, ќе разговара со Стармер за миграцијата

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска пристигнува во Велика Британија во тридневна државна посета, во време кога британскиот премиер Кир Стармер бара поголема поддршка за справување со миграцијата преку Ла Манш, јави ДПА.

Макрон ќе биде примен од кралот Чарлс Трети, а посетата е прва државна посета на француски претседател од 2008 година.

Освен церемонијалната димензија, посетата има и политички карактер, бидејќи се очекува Макрон подоцна во неделата да се сретне со премиерот Стармер. Во фокусот на нивната средба ќе биде проблемот со малите чамци што пренесуваат мигранти преку каналот, откако бројот на такви преминувања годинава надмина 20.000.

Според податоци на британското Министерство за внатрешни работи, до сега преку Ла Манш со мали чамци преминале 21.117 мигранти — највисок број за овој период од годината.

Се разгледува и можноста за договор „еден влегува, еден излегува“ — систем за размена на мигранти кои ја преминале границата со кандидати за азил кои имаат врска со Велика Британија и се наоѓаат во Европа. Договор сè уште не е постигнат.

Се очекува Макрон да се обрати и пред британскиот парламент, како што тоа го стори и Никола Саркози во 2008 година.

Покрај тоа, Макрон и Стармер треба да бидат домаќини на состанок на „коалицијата на подготвените“ — иницијатива за распоредување мировна мисија во Украина во случај на прекин на огнот со Русија, јавува ДПА.

To top