Западот не може да дозволи Русија да победи во Украина и поддршката за Киев мора да продолжи, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон, цитиран од Франс прес.
Макрон изјавата ја даде за време на божиќната вечера со францускиот воен персонал, кој е стациониран во Јордан.
-Знаете каква е рамнотежата на силите, знаете што не можеме да дозволиме да се случи – не можеме да дозволиме Русија да победи, истакна францускиот лидер пред француските офицери и војници во Јордан.
„Каков би бил утрешниот ден за Европа, во спротивно? Ние ќе продолжиме да и помагаме на Украина. Тоа што ние го правиме, иако има своја цена, е одлучувачко за нашата идна безбедност, за нашата улога во Европа и за суверенитетот на Украина“, додаде францускиот претседател.
Француските медиуми забележуваат дека ситуацијата за Украина во моментов е особено деликатна, бидејќи и САД и ЕУ бавно ја деблокираат новата финансиска помош. (МИА)