Свет Меѓународната агенција за атомска енергија

МААЕ: Најголемата нуклеарна централа во Европа работи на еден надворешен далновод

Русија и Украина постојано меѓусебно се обвинуваат за воени активности во близина на централата што би можеле да ја загрозат нуклеарната безбедност. Двата надворешни далноводи на електраната беа во прекин во неколку наврати, а двата беа надвор од употреба речиси еден месец минатата година, принудувајќи ја електраната да се потпира на дизел генератори.

МААЕ: Најголемата нуклеарна централа во Европа работи на еден надворешен далновод

Нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина, која е под контрола на Русите, работи на единствениот преостанат надворешен далновод, откако пред повеќе од една недела го изгуби резервниот далновод, објави вчера Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, изјави дека далноводот „Феросплавна-1“ бил урнат на 10 февруари „наводно како резултат на воена активност“. Оваа нуклеарна централа, најголемата во Европа со шест реактори, сега работи само со енергија што доаѓа од далноводот „Дњепар“, додаде тој.

Централата, која беше заземена од руските сили во првите недели од руската инвазија на Украина, не произведува електрична енергија, но ѝ е потребна енергија за да го одржува нуклеарниот материјал ладен и да спречи топење на јадрото.

Русија и Украина постојано меѓусебно се обвинуваат за воени активности во близина на централата што би можеле да ја загрозат нуклеарната безбедност. Двата надворешни далноводи на електраната беа во прекин во неколку наврати, а двата беа надвор од употреба речиси еден месец минатата година, принудувајќи ја електраната да се потпира на дизел генератори.

Според Гроси, набљудувачите на МААЕ, постојано распоредени во Запорожје, се обиделе да добијат информации за штетата, но безбедносните ограничувања им спречиле пристап до расклопната опрема на електраната.

„МААЕ е подготвена точно да извести за природата на штетата и какво било влијание врз нуклеарната безбедност“, рече Гроси.

Контролата врз оваа електрана е клучна точка во преговорите меѓу Украина и Русија за решение на нивниот сега речиси четиригодишен конфликт.

Киев предложи електраната во Запорожје да биде управувана од Украина и САД, што Русија го отфрла како неприфатливо. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top