Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека неговиот венецуелски колега, претседателот Николас Мадуро, е добредојден во Белорусија ако ја напушти функцијата, но дека за тоа не е разговарано со Мадуро. Лукашенко ова го кажува во интервју за американскиот канал Њузмакс (Newsmax) што беше објавено синоќа на каналот Телеграм што е поврзан со администрацијата на Лукашенко.
Веќе неколку месеци има зголемени тензии меѓу САД и венецуелската Влада, откако претседателот Трамп нареди распоредување воена сила во јужниот дел на Карибите, напаѓајќи бродови за кои се тврди дека носат наркотици.
Американскиот претседател навести и дека наскоро би можел да започне копнени операции во Венецуела.
Венецуелската влада тврди дека САД бараат промена на режимот за да ги преземат огромните нафтени резерви во земјата.
Притисокот од САД од минатата недела речиси го парализираше извозот на венецуелска нафта, а само танкери изнајмени од „Шеврон“ што носат венецуелска сурова нафта во САД со претходно одобрение од Вашингтон заминуваат, покажуваат податоците.