Русија и САД одржуваат контакти во однос на Балканот и Москва е отворена за такви дискусии, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција на која ги сумираше резултатите од руската дипломатија во 2025 година.
Лавров потврди дека постои дијалог со Вашингтон, но нагласи дека тој сè уште не донел видлив напредок.
-Такви контакти постојат, но тие сè уште не довеле до никакви позитивни или дури конкретни резултати. Сепак, ние сме отворени за тие контакти. Колку што можам да проценам, нашите американски колеги исто така се подготвени“, истакна Лавров.
– Имаме поголеми можности за контакти со САД на Балканот, особено во однос на Босна и Херцеговина и другите земји во регионот, додаде Лавров.
Во својот осврт на состојбите во Молдавија, рускиот министер оцени дека патот на Кишинев кон Европската Унија е деструктивен за земјата.
– Курсот на Молдавија кон зближување со ЕУ или би рекол ‘голтање’ од страна на Унијата, ја разрушува молдовската државност. Сè почесто се слушаат гласови дека обединувањето на Молдавија со Романија ќе биде најкраткиот пат кон членство во ЕУ“, изјави Лавров, сугерирајќи дека Брисел има интерес од таквиот развој на настаните.
Од друга страна, молдовската претседателка Маја Санду минатата недела изјави дека на евентуален референдум би гласала за обединување со Романија, како механизам за заштита на молдовската демократија од рускиот притисок. Санду во повеќе наврати ја обвини Москва за мешање во внатрешните работи на земјата.
Истовремено, Кремљ реагираше на одлуката на Кишинев за конечно напуштање на Заедницата на независни држави (ЗНД). Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека Москва изразува жалење за ваквата политика на негирање на односите со Русија, додека молдовското Министерство за надворешни работи вчера потврди дека се преземени сите формални чекори за завршување на излезот од оваа организација.