Свет Пекинг

Лавров: Кина и Русија ќе продолжат да соработуваат во борбата против тероризмот

Лавров и Ванг разговараа и за безбедноста во азиско-пацифичкиот регион и војната во Украина.

Лавров: Кина и Русија ќе продолжат да соработуваат во борбата против тероризмот

Русија и Кина ќе продолжат да соработуваат во борбата против тероризмот во рамките на се посилните односи, изјави денеска во Пекинг шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, по разговорите со неговиот кинески колега Ванг Ји.

-И благодарам на кинеската страна за сочувството по терористичкиот напад во близина на Москва на 22 март и за поддршката во борбата на Русија против тероризмот, ги пренесоа руските новински агенции зборовите на Лавров.

Џихадистичката група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во концертна сала во близина на Москва, во кој загинаа најмалку 144 луѓе, но Русија, без никакви докази, смета дека Украина стои зад нападот.

-Нашата соработка на полето на борбата против тероризмот ќе продолжи, вклучително и во мултилатералните институции, рече Лавров за време на неговата официјална посета на Пекинг.

Во февруари 2022 година, неколку дена пред руската инвазија на Украина, Москва и Пекинг објавија партнерство „без граници“ и оттогаш одржуваат силни врски.

Лавров денеска и се заблагодари на Кина што испрати група набљудувачи на руските претседателски избори во март, на кои претседателот Владимир Путин извојува убедлива победа.

-Благодарение на нашите лидери, руско-кинеските односи на сеопфатно партнерство и стратешка интеракција достигнаа невидено ниво, рече Лавров, додавајќи дека реизборот на Путин дополнително гарантира континуирано зајакнување на односите.

Лавров и Ванг разговараа и за безбедноста во азиско-пацифичкиот регион и војната во Украина. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top