Постигнавме значаен напредок во зајакнувањето на одбраната, но можеме и мораме да направиме уште многу повеќе, дејствувајќи заедно како Европејци, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на дебатата во Европарламентот посветена на резултатите од јунскиот Самит на ЕУ.
– Руската инвазија на Украина беше повик за будење за Европа. Таа покажа дека мирот без одбрана е илузија. НАТО е неопходен. Но, Европската Унија има јасна додадена вредност, всушност има фундаментална улога и е подготвена да преземе поголема одговорност, истакна Кошта.
Тој потенцира дека во вакви услови ЕУ им овозможи на земјите членки поголем фискален простор и средства за одбранбени трошоци, го подобро трошењето, преку стандардизација и заеднички набавки и ги поттикна истражувањето и иновациите за одбрана.
Според него, заедно со зголеменото и подобреното трошење, ЕУ треба да работи и на имплементирање на заеднички одбранбен систем, инвестирајќи во стратешки капацитети како што се противвоздушната одбрана, поморската безбедност, Вселена или кибер просторот.
– Не зборувам за Европска армија. Зборувам за заеднички добра управувани од нашите национални армии, според заеднички план. Поминаа деновите на залудни дискусии за улогите на ЕУ и НАТО во градењето на „Европа на одбраната“. Сега е јасно дека зајакнувањето на европската одбрана е најдобриот начин за зачувување на стабилен трансатлантски сојуз, рече Кошта.
Тој додаде дека паралелно со зголемување на безбедноста и одбраната на Европа, ЕУ работи и на зајакнување на нејзината конкурентност, со цел привлекување повеќе инвестиции, создавање подобри работни места, зацврстување на економската отпорност и поддршка на европскиот социјален модел.
– Секако, клучно е и да се справиме со егзистенцијалната закана од климатските промени, бидејќи можеме да го запреме часовникот за европските правила, но нема запирање на часовникот за климатските промени. Тоа значи дека не можеме да ја намалиме нашата амбиција и да се откажеме од нашите климатски цели, истакна Кошта.
Според него, за постигнување на овие цели, ЕУ мора да работи на воспоставување на трговски партнерства низ целиот свет, со што ќе се обезбедат иновациите, просперитет, квалитетни работни места и привлекување стручен кадар.
– Ако сакаме да ги извезуваме нашите социјални и еколошки стандарди, начинот да го направиме тоа е преку трговски договори. Бидејќи царините не ги промовираат стандардите. Нив ги промовираат трговските договори. Ова е пораката што Европа треба да ја испрати до светот: додека другите креваат бариери, ние градиме мостови, додаде Кошта.
Со тоа, според него, ќе се придонесе и за зајакнување на позицијата на ЕУ во светот, во услови на фрагментација кога на поредокот базиран на правила му се потребни кредибилни бранители, кои ќе се однесуваат доследно и без двојни стандарди.
– Европа покажа дека може да дејствува, а не само да реагира. Европскиот совет се води од единството во различноста на нашите нации, работејќи рака под рака со Комисијата и овој Парламент. Заедно ја зајакнуваме нашата одбрана, ја зајакнуваме нашата конкурентност и ги браниме нашите вредности и интереси на глобално ниво. Можете да сметате на Европскиот совет дека ќе продолжи по овој пат, бидејќи нашите граѓани очекуваат заштита, просперитет и цели. Мора да испорачаме заедно, заклучи Кошта во обраќањето.