Конгресот на САД денеска во Вашингтон ќе се состане за официјално да го потврди резултатот од претседателските избори, што е последниот чекор во процедурата пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата подоцна овој месец.
Пред четири години, поддржувачите на Трамп насилно упаднаа во Капитол, обидувајќи се да спречат потврда на победата на демократот Џо Бајден на изборите во 2020 година. Оваа година, по неспорната победа на Трамп на ноемвриските избори, се очекува седницата да помине мирно, пишува ДПА.
Демократката Камала Харис, која изгуби на изборите од Трамп, ќе го објави конечниот резултат на крајот од нејзиниот мандат како потпретседателка. Како претседавач на Сенатот, Харис ќе ја води заедничката седница на двата дома на Конгресот.
Трамп освои 312 изборни гласови, додека Харис обезбеди 226. На состанокот, ќе бидат прочитани и преброени резултатите од поединечните сојузни држави.
Иако членовите на Конгресот теоретски можат да вложат приговори на резултатите, тоа не се очекува оваа година. Инаугурацијата на Трамп е закажана за 20 јануари.